Русија назначи нов привремен врховен командант на воздухопловните сили кој ќе го замени Сергеј Суровикин, познат како „генерал Армагедон“, кој стана недостапен во јавноста откако платениците на Вагнер се побунија против државниот врв, објави во денес државната новинска агенција „РИА“ , а веста ја пренесе „Хина“.
За време на бунтот на „Вагнер“ од 23 до 24 јуни, командант Суровикин, кој раководеше со руските воздухопловни напади врз Украина, се појави на видео повикувајќи го шефот на „Вагнер“, Евгениј Пригожин да се откаже од маршот кон Москва.
По бунтот, кој заврши со преговори и договор, некои руски и други медиуми објавија дека Суровикин, кого Пригожин често јавно го пофалувал пред бунтот, бил под истрага за можно учество во бунтот и дека е во домашен притвор.
Руските медиуми „РБЦ“ и Телеграм каналот Рибар, близок до Министерството за одбрана, во вчера објавија дека Суровикин е сменет од функцијата командант на руските воздухопловни сили.
Денес, „РИА“ цитираше неименуван извор кој рекол: „Поранешниот шеф на руските воздухопловно-космички сили Сергеј Суровикин е разрешен од должноста“.
Според истиот извор, поранешниот заменик на Суровикин, Виктор Афзалов, „привремено дејствува како врховен командант на воздухопловните сили“.
Суровикин го добил прекарот „Генерал Армагедон“ за време на руската воена интервенција во Сирија поради бруталните тактики што ги користел таму.
Во октомври 2022 година, тој бил назначен за шеф на руските воени операции во Украина, но во јануари таа улога му била доделена на генералот Валериј Герасимов, началник на Генералштабот, а Суровикин беше назначен за заменик на Герасимов.
Според британското воено разузнавање, Афзалов претходно служел како заменик на Суровикин и бил началник на штабот на Воздухопловните сили најмалку четири години.
За време на отсуството на Суровикин од очите на јавноста, Афзалов минатиот месец беше прикажан на телевизија како го брифира Герасимов.