Според воено-политички аналитичари, Преспанскиот договор беше само едно ситно камче во мозаикот на исполнување на регионалните стратегиски цели на посилните. Но аналитичарите истакнуваат и нешто најново: имено, доколку Турција го искористи своето право – втемелено на меѓународното право – за проширување на своите територијални води од шест на дванаесет наутички милји, Вашингтон ќе застане на страната на Атина во соочувањето со агресивните дејства на Турција во водите на Егејско Море и источниот Медитеран, како и во справувањето со потенцијалната закана за грчко-турска војна. Наедно, новата американско-грчка спогодба им овозможува на американските сили да тренираат на дополнителни локации во Грција, со што обезбедува и соодветен контекст за американски одбранбени инвестиции во оваа држава, во време кога Вашингтон се повлекува од другите делови на регионот. Миленичето на САД, Грција, всушност и никогаш не излегло надвор од тој миленички статус!
Во светлина на геополитичкиот магнет на
заемните односи на нам „блиските“ држави
Во односите помеѓу Грција и САД, кои се базираат на заеднички интереси, започна една сосема нова ера. Билатералните релации се стратегиски, составени се од повеќе аспекти и дефинитивно ќе се прошируваат во годините што следуваат.
Партнерството 3+1
Промовирањето цврста одбранбена соработка и поддршката за безбеден источен Медитеран се двата главни столба на нивните меѓусебни односи, кои потврдуваат дека овие две држави изразуваат силна посветеност кон регионот, пишува „Модерн дипломаси“.
Партнерството 3+1 помеѓу Грција, Израел, Кипар и САД спаѓа во источномедитеранскиот контекст. Ова мултилатерално партнерство беше запечатено со Договорот за источномедитеранска безбедност и партнерство (2019), кој беше официјално потпишан од американскиот претседател и кој предвидува соработка во однос на поморска безбедност, енергетски иницијативи, понатаму формирање американско-источномедитерански енергетски центар, како и забрана за мешање на други земји во Ексклузивната економска зона на Кипар и во воздушниот простор на Грција.
Како што е експлицитно нагласено во овој договор, Владата на САД го поддржува продлабочувањето на соработката во областа на енергетската безбедност меѓу Грција, Кипар и Израел, а истовремено го охрабрува приватниот сектор да вложува во енергетската инфраструктура во источниот Медитеран, вклучувајќи и во градењето терминали за течен природен гас.
Надградба на стратегискиот договор
Во строго билатерален контекст, Грција и САД го засилија ангажманот преку билатералниот Стратегиски дијалог, кој беше прогласен за отворен во 2018 година, а кој во себе ги содржи сите главни столбови на грчко-американското партнерство, со акцент на енергијата, инвестициите, одбраната, меѓучовечките контакти и образованието. Третата рунда на Стратегискиот дијалог беше реализирана во октомври 2021 година. На неа беа поздравени новите важни американски инвестиции во грчкиот технолошки и дигитален сектор, откако беше потпишан Договорот за наука и технологија помеѓу Атина и Вашингтон, а Грција беше отстранета од приоритетниот набљудувачки список УСТР 301.
Од економски аспект, важно е да се напомене дека американскиот Конгрес го прошири мандатот на Меѓународната финансиска корпорација за развој, со цел да се олесни инвестирањето за американските компании во Грција. Новите големи инвестиции на американски компании како „Мајкрософт“, „Фајзер“ и „Сиско“ го прошируваат теренот за грчко-американска соработка.
Третата рунда од Стратегискиот дијалог исто така го нагласи значењето на мирното разрешување на разликите и почитувањето на меѓународното право, како два водечки принципи за одржување на добрососедските односи. Ревидираната Спогодба за заемна соработка во областа на одбраната помеѓу Грција и САД (МДЦА) беше потпишана на маргините на дијалогот и се смета за темел на билатералната одбранбена соработка. Ревидираната МДЦА ги изразува долгорочните, продлабочени и проширени аспекти на стратегиското одбранбено партнерство и големата геостратегиска важност на Грција за стабилноста и мирот во регионот. Врз основа на овие аспекти, МДЦА содржи клаузула за заемна одбрана, со која се потврдува цврстата решителност на двете држави за заемна заштита на суверенитетот и територијалниот интегритет од активности што претставуваат закана за мирот, вклучувајќи и од вооружен напад или од закана за употреба на сила против Грција или САД.
„Топ не ја бие“ Грција
Оваа конкретна одредба може да се протолкува како јасна порака до Анкара: доколку Турција го искористи своето право – втемелено на меѓународното право – за проширување на своите територијални води од шест на дванаесет наутички милји, Вашингтон ќе застане на страната на Атина во соочувањето со агресивните дејства на Турција во водите на Егејско Море и источниот Медитеран, како и во справувањето со потенцијалната закана за грчко-турска војна. Наедно, оваа спогодба им овозможува на американските сили да тренираат на дополнителни локации во Грција, со што обезбедува и соодветен контекст за американски одбранбени инвестиции во оваа држава, во време кога Вашингтон се повлекува од другите делови на регионот. Во дополнетата МДЦА може да се забележи трансформацијата на тракискиот Александрополис во некој вид нов објект, сличен на оној во Соуда, на островот Крит, бидејќи овозможува стационирање и раздвиженост на американските сили, како и зацврстување на оската кон Бугарија. Со оглед на важноста на Црно Море, Бугарија стана особено значајна за стратегиските планови на Вашингтон и на НАТО, затоа што претставува алтернативна маршрута кон Босфорскиот Канал.
Самата инфраструктура околу Александрополис ќе обезбеди стационирање на американските сили, истакнувајќи ја големата стратегиска важност на регионот. На пример, енергетскиот гасовод што сега оди од Елефсина, северозападно од Атина до Кавала во северна Грција, би требало да се протега до Александрополис, а од таму кон Бугарија, финансиран од НАТО, за американските воени сили да можат да полнат гориво.
Не помалку важно е и железничкото поврзување на пристаништето Александрополис со Бугарија. Сè на сè, надградената Спогодба за заемна соработка во областа на одбраната помеѓу Грција и САД ги заштитува грчките национални интереси и креира одбранбен штит за Грција.
Американскиот Конгрес ја признава круцијалната улога на Грција како изворен пронаоѓач на решенија за проблемите во водите на источниот Медитеран?!
Грција реално повторно на целиот регион демонстративно го покажа својот статус на миленик на САД. Грција е земјата што отсекогаш ја покажувала (и повеќе одошто треба) својата посветеност кон инвестирањето во својот кооперативен однос со САД. За возврат, американскиот Конгрес – со своите консекутивни двопартиски законодавни активности – ја признава круцијалната улога на Грција како изворен пронаоѓач на решенија за проблемите во водите на источниот Медитеран. Годинашниот американско-грчки одбранбен и меѓупарламентарен законски акт, коспонзориран од демократскиот сенатор Роберт Менендез и од републиканскиот сенатор Марко Рубио, уште повеќе ги зајакнува односите помеѓу Вашингтон и Атина. Овој акт е инкорпориран во Законот за овластување на националната одбрана од 2022 година, што претставува гаранција за задоволување на неговите одредби. Имено, во него се прецизира дека Вашингтон треба да продолжи да го продлабочува цврстото партнерство со грчката војска, особено во развојните и копродукциски можности со грчката морнарица. Исто така, се истакнува дека поморското партнерство со Грција во заливот Соуда и Александрополис е заемно корисно за националната безбедност на САД и на Грција. Покај тоа, во овој акт е предвидена испорака на дополнителни одбранбени артикли за потребите на Грција – врз истата приоритетна база како и за другите држави – во текот на фискалните години 2022-2026, а сè во согласност со Законот за надворешна помош од 1961 година.
Поконкретно, актот се однесува на продажба на петтата генерација борбени авиони „Ф-35 џоинт страјк фајтер“ на Грција, особено на оние „Ф-35“ што беа произведени специјално за Турција, но не беа никогаш испорачани, поради исклучувањето на Анкара од програмата, откако таа го набави рускиот систем за воздушна одбрана „С-400“. Купувањето борбени авиони „Ф-35“, во комбинација со надградените „Ф-16“ на грчките воздухопловни сили, како и набавката на француски борбени авиони „рафал“, несомнено ќе ги зголемат грчките капацитети за одбрана, со што Атина ќе добие квалитетна заштита од воени дејства насочени кон неа, особено во водите на Егејско Море и источниот Медитеран.
Нема никаков сомнеж дека – како одговор на сè поголемите предизвици и можности во источниот Медитеран – САД и Грција сериозно ги имаат продлабочено своите билатерални односи, а го зголемија и мултилатералниот ангажман со Кипар и со Израел. Имајќи го предвид фактот дека геополитичките услови во регионот продолжуваат рапидно да се менуваат, двете држави ќе продолжат по трасираниот пат, заклучува „Модерн дипломаси“. Воено-политичките аналитичари, пак, со неверување коментираат дека „силата бога не го моли“ и дека „исполнувањето на интересите на посилниот било и ќе остане во фокусот на стратегиите на големите“, без разлика што пропишува и предвидува меѓународното право и што велат вистината, правдата и правдината.