Бразилскиот претседател има план за крај на конфликтот во Украина
Неодамна германскиот канцелар Олаф Шолц беше во прва официјална посета на Бразил, на чие чело е претседателот Луис Инасио Лула да Силва.
Според релевантни светски медиуми, меѓу кои и „Политико“ (во текстот на авторката Ханза фон дер Бурчард), „меѓусебната средба не поминала како што очекувал Шолц и двајцата лидери се судриле за тоа кој е одговорен за војната во Украина“.
Различни видувања на двајцата лидери за украинскиот судир, но единствени дека е неопходен прекин
Имено, претседателот на Бразил, Луис Инасио Лула да Силва, недвосмислено аргументирал дека сите инволвирани страни носат дел од вината и имаат голема одговорност, при што тој „сугерирал дека и Киев може да биде виновен“!
Бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва по средбата дури и јавно им изјави на новинарите дека „ако еден не сака, двајца не можат да се борат“, имплицирајќи дека Украина исто така имала улога во руско-украинскиот судир.
– Мислам дека причината за војната меѓу Русија и Украина мора да биде појасна. Дали поради НАТО? Дали е тоа поради територијални претензии? Дали е тоа поради влезот во Европа (ЕУ)? Светот има малку информации за тоа – подвлекол бразилскиот претседател Лула.
Забелешките на левичарскиот претседател може да се протолкуваат како навреда, особено за западните лидери, кои го поздравија изборот на Лула минатата година како можност да го изведе Бразил од меѓународната изолација воспоставена од поранешниот десничарски претседател Жаир Болсонаро, како што заклучува „Политико“ во својот текст.
За решавање на конфликтот, мултилатерален меѓународен формат по моделот на Г20
Набргу по средбата меѓу претседателот на Бразил и германскиот канцелар Шолц, медиумите пренесоа интересни вести од Германија. Таму, во интервју за телевизијата АРД, партискиот колега на Шолц и лидер на пратеничката група на СПД во Бундестагот, Ролф Муцених, ја поддржа идејата Бразил да дејствува како посредник за дипломатско решение на конфликтот во Украина.
– Мислам дека е неопходно да се земат предвид сите иницијативи што можат да ја завршат оваа војна што е можно поскоро, бидејќи, според мене, војната само ќе стане покрвава на бојното поле – рече Муцених, додавајќи дека поради тоа преговорите во иднина може да бидат потешки.
Според висок политичар од СПД, затоа е важна најавата на Бразил, но сега мора да се приклучат и други влади.
Што, всушност, се случи? Бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва, по разговорите со германскиот канцелар, предложи создавање мултилатерален меѓународен формат, по моделот на Г20, за решавање на конфликтот во Украина.
– Потребно ни е група земји да седнат на маса со Украина и Русија за да се обидеме да постигнеме мир – рече Да Силва, истакнувајќи дека Бразил е подготвен да придонесе за тоа.
Бразилскиот претседател ќе разговара и со претседателот на САД и со претседателот на Кина
Во текот на месецов бразилскиот претседател треба да ги посети Соединетите Американски Држави, каде што има намера да разговара со претседателот Џо Бајден за нов формат за решавање на руско-украинскиот конфликт, додека својата идеја има намера да му ја претстави на кинескиот претседател Си Џинпинг кога ќе пристигне во Пекинг во март.
Бразил презема големи чекори за да се вклучи во глобалната политика и да решава сложени прашања, откако земјата беше во своевидна изолација за време на мандатот на претходниот претседател Болсонаро.
Бразил е исто така членка на групата држави БРИКС (Бразил, Русија, Индија, Кина, Јужна Африка), што секако му го олеснува пристапот до Русија и Кина, со кои Западот веќе речиси целосно ги прекина односите (Русија) или брзо ги влоши (Кина).
Се чини дека Лула да Силва ова го гледа како можност да го зајакне влијанието на својата земја на меѓународната сцена. И се чини дека можеби е во право.