Берлин – Првпат од 2010 година бројот на жителите во Германија се намалил, што е последица на ограниченото доселување поради пандемијата на коронавирусот, објави Сојузната статистичка канцеларија во Визбаден. Како што пренесуваат германските медиуми, последен пат бројот на жители во Германија се намалил во 2010 и оттогаш, па до оваа година бележи постојан пораст. Падот на бројот на жителите се поврзува со значителното забавување на стапката на доселување, но и поради пандемијата на коронавирусот.
Париз – Францускиот претседател Емануел Макрон во телевизиско интервју ги образложи новите мерки за спречување на ширењето на коронавирусот во земјата. Францускиот кабинет се состана завчера за понатамошните мерки за борба против пандемијата, меѓу другото и за веројатноста за полициски час во градовите како што е Париз, јави АП. Бројот на луѓе што се лекуваат во француските единици за интензивна нега од ковид-19 надмина 1.500 во понеделникот. Тоа беше првпат од 27 мај, соопштија властите.
Москва – Руската вселенска капсула „Сојуз“ со една астронаутка од САД и со двајца космонаути од Русија успешно беше лансирана вчера од космодромот Бајконур во Казахстан. Космонаутите на Роскосмос, Сергеј Рижков и Сергеј Кудсверчков, и астронаутката на американската вселенска агенција НАСА Кетлин Рубинс се упатија кон Меѓународната вселенска станица (ИСС) во 5.45 часот по Гринич, јавува ТАСС.
Кабул – Авганистанското министерство за одбрана соопшти дека два авганистански воени хеликоптери се судриле додека превезувале ранети војници од јужната провинција Хелманд, при што загинале девет лица. Станува збор за два хеликоптера „ми-17“ од времето на СССР, кои се судриле поради технички проблеми при полетувањето во областа Нава, а сите девет загинати војници биле Авганистанци, пренесува АП. Омер Звак, портпарол на гувернерот на провинцијата Хелманд, рече дека судирот се случил во вторникот вечерта.