Меѓународните аналитичари во овој момент повеќе се посветени во процените за тоа кој би можел да биде новиот водач на Ал каеда. Според разузнавачките безбедносни служби, во игра за лидерската позиција на Ал каеда се неколку личности и долгогодишни лојални членови, кои заземаат видни позиции во разграноците на оваа организација
Што ќе се случува со Ал каеда по убиството на нивниот лидер
По убиството на лидерот на Ал каеда, Ајман ал Завахири, оваа терористичка мрежа, која е распространета во дел од азиските и африканските земји, веројатно нема да ја промени стратегијата за дејствување против „далечниот непријател“, поточно против САД и нивните западни сојузници. Меѓународните аналитичари во овој момент повеќе се посветени во процените за тоа кој би можел да биде новиот водач на Ал каеда. Според разузнавачките безбедносни служби, во игра за лидерската позиција на Ал каеда се неколку личности и долгогодишни лојални членови, кои заземаат видни позиции во разграноците на оваа организација. Едниот од нив е и Абд ал Рахман ал Магреби, роден во Мароко, кој ја предводи медиумската група Ал сахаб и ги координира активностите со регионалните разграноци на Ал каеда во Западна Африка, Кавказ и во Индија. Ал Магреби инаку е зет на Ал Завахири. Други потенцијални лидери се Абу Убајда Јусуф ал Анаби (исто така познат како Јазид Мубарак), водачот на АКИМ и Ахмед Умар (исто така познат како Ахмад Дирије), лидер на Ал шабаб од 2014 година. Можен наследник е и Саиф ал Адел, кој изминатите 33 години од животот ги посвети на Ал каеда. Овој египетски воен и разузнавачки лидер помогна да се трансформира разединетата антисоветска милиција во најсмртоносната терористичка организација во светот. Се бара за бомбардирањата на американските амбасади во Кенија и во Танзанија од 1998 година, во кои загинаа 224 лица.
Откако американските специјални сили го убија Осама бин Ладен во Пакистан во мај 2011 година, Ал Завахири одигра клучна улога во децентрализацијата на групата, што резултира со појава на голем број разграноци на Ал каеда. Тие ги вклучуваат Ал шабаб, кој контролира големи области на рурална Сомалија, Ал каеда во исламскиот Магреб (АКИМ) во Западна Африка, особено Мали, и Ал каеда во Индискиот Потконтинент (АКИС). Аналитичарите велат дека меѓу најверојатните наследници се вклучува и Саиф ал Адел, поранешен потполковник на египетските специјални сили и член на старата гарда на Ал каеда.
– Завахири не беше вклучен во секојдневното носење одлуки во разграноците, но е потребна личност со одредена важност и искуство, бидејќи сите шефови на сите разграноци треба да му се заколнат на лична лојалност, што значи дека предизвик ќе биде да се најде негова замена – изјави за „Франс прес“ Ханс-Јакоб Шиндлер, директор на невладиниот Проект за борба против екстремизмот и поранешен советник на ОН.
Ајман ал Завахири е убиен во напад на американско беспилотно летало во Кабул. Американскиот претседател Џо Бајден, кој ја објави веста за ликвидацијата на лидерот на Ал каеда, рече дека „операцијата донесе правда“ и се надева дека тоа е „уште една мерка за оддолжување“ на семејствата на жртвите од нападите врз Соединетите Американски Држави на 11 септември 2001 година. Завахири и попознатиот претходен лидер на терористичката мрежа, Осама бин Ладен, ги планирале нападите во САД на 11 септември 2001 година. Бин Ладен беше убиен во Пакистан на 2 мај 2011 година, по речиси десет години потрага.
Американските разузнавачи го следеле Ал Завахири во куќа во центарот на Кабул каде што се криел со своето семејство, во операцијата што е изведена во неделата.
Со смртта на Ал Завахири ја нема личноста што повеќе од која било друга ја обликуваше Ал каеда. Прво како заменик на Бин Ладен од 1998 година, а потоа како негов наследник, оценува новинската агенција АП. Ајман ал Завахири е поранешен очен хирург. За време на неговите 11 години лидерство се смета дека тој никогаш не успеа да ги има харизмата и привлечноста што ги имаше Бин Ладен за младите џихадисти. Со неговата ликвидација, Ал каеда може да одлучи повторно да се крене со нов лидер и нова стратегија и затоа би било несериозно ако се заклучи дека со неговата ликвидација, ликвидирани се и заканите од оваа терористичка организација. Формирана е кон крајот на 1980-тите во реонот на авганистанско-пакистанската границата од остатоците на поранешната арапска волонтерска армија.
Своевремено, Ал каеда беше позната низ светот и се сметаше за безбедносна закана број еден за Западот. Во 1998 година извршија симултани бомбашки напади врз американските амбасади во Кенија и во Танзанија при што беа убиени претежно африкански цивили. Во 2000 година изврши напад на пристаништето во Аден, Јемен, убивајќи 17 морнари.
Ал каеда го изврши и најголемиот терористички напад во американската историја на 11 септември 2001, напад по кој се вели дека светот се променил засекогаш. Тој 11 септември загинаа речиси 3.000 луѓе.
Самиот факт што убиениот лидер беше лоциран како удобно живее во „безбедна куќа“ во Кабул, блиску до раководството на талибанците, говори дека тие немаат намера да ги прекинат врските со Ал каеда. Оваа организација сака повторно да го воспостави своето присуство во Авганистан сега кога нејзините пријатели се вратија на власт. Оваа држава има посебно значење за терористичката организација, бидејќи токму тука поранешниот лидер Бин Ладен градеше скривници во 1980-тите и пет години живееше под заштита на талибанците.
Во однос на присуството на Ал каеда во Африка, во анализата се наведува дека разгранокот на организацијата во Сомалија познат како Ал шабаб таму останува главна џихадистичка група. Африка е често бојно поле за ваквите џихадистички групи, особено во северозападот околу Сахел, каде што Ал каеда и ИСИС не се борат само со цел да урнат влада туку војуваат и меѓу себе.
За земјите на Средниот Исток, пак, се наведува дека Ал каеда има значително присуството во северозападна Сирија. По лидерот Бин Ладен, кој беше Саудиец, па неговиот наследник Ал Завахири, кој беше Египќанец, повеќето од високото раководство што останува сега се со арапско потекло.