Гласините дека Путин боледува од Паркинсонова болест и од рак првпат се појавија пред две години, но неговото здравје стана едно од клучните прашања во рамките на конфликтот во Украина во последните недели. Кремљ досега одбиваше директно да одговори на прашања за здравјето на претседателот, но редовно негира дека страда од какви било здравствени проблеми
Рускиот министер за надворешни работи ги отфрли шпекулациите за здравствената состојба на Владимир Путин
Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, ги коментираше гласините дека рускиот лидер Владимир Путин е наводно болен, велејќи дека сите разумни луѓе што ги следат секојдневните јавни настапи на рускиот лидер тешко дека ќе видат знаци на некоја болест кај него.
– Претседателот Владимир Путин секојдневно се појавува во јавноста. Можете да го видите на вашите екрани, да ги читате и слушате неговите говори. Мислам дека разумно суштество не може да види знаци на болест кај него. Тоа го оставам на совеста на оние што шират такви гласини – рече Лавров во интервју за француската телевизија ТФ1.
Светот долго време се занимава со здравствената состојба на Владимир Путин, кога еден ден се тврди дека има рак, другиот деменција и Алцхајмерова болест…
Британците го прогласија за умрен, па му „пронајдоа“ и двојник
Британските медиуми деновиве отидоа толку далеку што најпрвин ја објавија веста дека рускиот претседател Владимир Путин можеби е веќе мртов и дека е заменет со двојник, а само неколку часа подоцна се демантираа и порачаа дека на Путин му остануваат само уште три години живот, повикувајќи се на извори на МИ6.
Најнапред „Дејли стар“ објави дека рускиот претседател Владимир Путин можеби е веќе мртов, повикувајќи се на тврдење на шефовите на британските разузнавачки служби. Според весникот, високите шефови на МИ6 велат дека рускиот претседател е тешко болен и дека неговите пријатели, доколку умрел, ќе го премолчеле тоа за да ја задржат власта што подолго.
Како потврда на ваквите сомневања, повикувајќи се на истиот извор, „Дејли стар“ објави дека неодамнешните медиумски настапи на Путин, најверојатно, биле однапред снимени.
Притоа се спомнува и можноста да се користи двојник на јавни настани, како што е парадата за Денот на победата во Москва на почетокот на овој месец.
– Путин е многу болен и кога ќе умре, неговата смрт ќе се чува во тајност со недели, ако не и со месеци. Постои и можност тој да е веќе мртов. Невозможно е да се знае. Се верува дека Путин порано користел двојници кога бил болен, а Кремљ можел да го направи тоа сега. Путин е на чело на мала група високи функционери, кои му се целосно лојални. Вистинскиот страв (за неговите пријатели) е дека кога ќе биде објавена неговата смрт, може да дојде до пукања во Кремљ и дека руските генерали ќе сакаат да се повлечат од Украина. Смртта на Путин ќе ги остави немоќни и ранливи, па затоа имаат интерес да кажат дека Путин е жив, кога спротивното би било вистина – изјавил еден разузнавач за медиумите.
Тоа само ги подгреа шпекулациите дека здравствената состојба на 69-годишниот руски претседател е влошена во последните месеци. Се потенцира дека изгледа помалку подвижен и лицето му е отечено, а некои набљудувачи сугерираат дека можеби има рак на крвта. Нашироко се верува дека зема стероиди или дека се лекува од рак, поради што изгледа отечено.
Пред две недели, руски олигарх со блиски врски со Кремљ изјавил дека Путин е „многу болен од рак на крвта“ и дека бил опериран пред да започне специјални операции во Украина.
Шефот на украинската воена разузнавачка служба, генерал-мајор Кирило Буданов, исто така изјавил дека Путин е тешко болен од рак.
Експертката за руски прашања, Фиона Хил, која претходно се сретнала со Путин, рекла дека тој „не изгледа толку одлично“ и дека може да зема „големи дози стероиди“.
Поранешен агент на КГБ: Има уште три години живот
Кон шпекулациите во британските медиуми за здравствената состојба на рускиот претседател се вклучи и неименуван агент на ФСБ, кој на поранешниот колега, дезертерот Борис Карпичков, му рекол дека Путин, веројатно, е тешко болен и има најмногу три години живот. Карпичков е поранешен агент на КГБ и ФСБ, човек роден во Летонија, кој ја шпионирал својата татковина за Москва откако таа прогласила независност и побегнал во Британија во 1998 година, каде што станал еден од најгласните критичари на режимот на Путин.
Во интервју за британски „Мирор“, тој рече дека добил порака од поранешен колега дека рускиот претседател боледува од „тешка форма на рак што брзо напредува“, дека полека го губи видот и дека има две или три години живот.
Слични наводи изнесуваат и други извори, повикувајќи се на информации од широк спектар претставници на Кремљ. Канал на Телеграм, кој тврди дека има извори од Кремљ, објави дека Путин овој месец имал операција за која лекарите рекле дека е неопходна, која била успешно извршена и дека Путин моментално закрепнува. Лекарите наводно ја извршиле операцијата ноќта меѓу 16 и 17 мај, откако дежурните лекари на Путин инсистирале таа да биде итно закажана. Каналот нагласи дека претходно било забележано дека Путин не се појавил пред медиумите од 17 до 19 мај и дека контактирал само со Николај Патрушев, секретар на Советот за безбедност на Руската Федерација.
Во британските медиуми се цитираат и повеќемина поранешни британски разузнавачи, кои биле задолжени за следење и анализа на состојбите во Русија. Притоа се изнесуваат најразлични дијагнози за наводната болест на рускиот претседател.
Гласините дека Путин боледува од Паркинсонова болест и од рак првпат се појавија пред две години, но неговото здравје стана едно од клучните прашања во рамките на конфликтот во Украина во последните недели. Кремљ досега одбиваше директно да одговори на прашања за здравјето на претседателот, но редовно негира дека страда од какви било здравствени проблеми.
Подготвил: Марјан Велевски