Фото: Пиксабеј

Потенцијалната средба меѓу рускиот претседател Владимир Путин и неговиот украински колега Владимир Зеленски, со цел да се потпише договор за решавање на актуелната ситуација, ќе зависи од модалитетите на документот, кој допрва треба да се договори, изјави денеска портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков.

– Сè ќе зависи од модалитетот на документот, за кој допрва треба да се договориме – рече Песков на прес-конференција.

Советникот на украинскиот претседател Михаил Подолјак претходно изјави дека по завршувањето на работата на тој документ може да се организира средба меѓу Путин и Зеленски, потсетува руската агенција ТАС С.


Зеленски е подготвен утре да се сретне со Путин

Украинскиот министер за надворешни работи, Дмитриј Кулеба, изјави дека претседателот на Украина, Володимир Зеленски, е подготвен за средба со својот руски колега Владимир Путин.

– Доколку рускиот лидер покаже подготвеност, тие може да се сретнат утре, задутре, буквално. Зеленски е подготвен за таа средба. Неговиот став е јасен, формиран за сите прашања, а Украина е подготвена за овие преговори – изјави Кулеба за весникот „Украинска правда“.

Тој додаде дека многу земји нудат или се натпреваруваат да бидат домаќини на овој состанок.

– Можам да кажам дека конкуренцијата за правото на средба меѓу Зеленски и Путин е поголема од онаа за домаќин на Олимписките игри – рече Кулеба.

Претходно, советникот на шефот на кабинетот на Зеленски, член на украинската делегација на преговорите со Русија, Михаил Подолјак, најави подготовка на документи за можни директни преговори меѓу Зеленски и Путин.