Фото: Игор Бансколиев

Државните институции во Хрватска и во Србија излегоа со податоци за сместувачките капацитети за прифаќање на бегалците од Украина, додека во Македонија единствено што се знае е дека „не се очекува поголем прилив“ на бегалци

Бегалската криза е уште една во низата кризи со кои треба да се справиме

Првите украински бегалци веќе пристигнаа во прифатните центри во земјите од Балканот. Од регионов, службите за згрижување бегалци во Хрватска и во Србија се најтранспарентни во однос на давањето информации за моменталната состојба за првиот бран бегалци од Украина, од каде што доаѓаат претежно мајки со деца.

Хрватска и Србија нај транспарентни во процесот на прифаќање и менаџирање со бегалците од Украина

Хрватските институции објавија дека во нивните прифатни центри се наоѓаат околу четири илјади лица. Во текот на првите две недели од ескалацијата на руско-украинскиот воен конфликт, привремен престој во Хрватска побарале 4.300 лица, од нив 88 отсто се жени и деца. Извори на хрватската влада информираат дека оваа земја може да прими 17.000 бегалци, но според некои предвидувања, вкупниот број на потенцијални бегалци од Украина може да достигне од 25 до 30 илјади лица.
Во Србија бројот на бегалците од Украина во последните денови достигнал до пет илјади лица, но според официјалните информации, поголем број од нив биле во транзит.
Според податоците со кои располагаат во Центарот за заштита и помош на барателите на азил во Србија во овој момент има место за прифаќање на околу шест илјади лица, но очекувањата се дека нивниот број може да достигне до десет илјади. Првите бегалци што пристигнале во Србија се сместени кај роднини и пријатели. Во прифатниот центар во Врање се сместени седум жени и пет деца што побегнале од Украина, од регионот на Киев и на Донбас. Од почетокот на војната во Украина, до деветти март во Србија влегле вкупно 6.784 државјани на Украина, а излегле 5.721 лице, соопшти министерот за внатрешни работи Александар Вулин.

Македонија сѐ уште не го затворила списокот на државни сместувачки капацитети предвидени за бегалците

Во Македонија досега се дојдени 51 граѓанин од Украина и сите се сместени кај пријатели и роднини – 30 во Скопје, а другите во Гевгелија, Валандово и во Прилеп.
Владата на Македонија на последната седница неделава го усвои планот за прифаќање на бегалците од Украина. Во јавноста нема подетални информации за тоа колку бегалци може да прифатиме во нашите прифатни центри. Владата сѐ уште не го затворила списокот на државни сместувачки капацитети. Досега се утврдени само неколку одморалишта што би се активирале во случај на поголем наплив на бегалци од Украина. Од ЦУК беа претставени двата транзитни центри за поголем број бегалци и одредени други институции, меѓутоа, како што изјави Бујар Османи, министер за надворешни работи на Македонија, даден е уште еден повик до институциите да го дадат конечниот список за слободни сместувачки капацитети. Македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи напомена дека и Македонија се подготвува за прием на бегалци од Украина, а за тоа веќе се прават анализи за државните капацитети. Османи не очекува голем број, но доколку има потреба ќе бидат организирани и импровизирани сместувачки капацитети.
– Ние нема да одбиеме ниту еден украински бегалец што ќе ни стигне на граница. Напротив ќе биде примен со сите аспекти на хуманитарно згрижување. Јас не очекувам во овој период дека ќе имаме голем бран, затоа што сепак одат во другите држави во соседство на Украина, меѓутоа бројките гледате дека се зголемуваат се стига до три-четири милиони украински граѓани што ја напуштаат Украина, сепак, ние да бидеме подготвени – рече Османи.

Потсетување на предизвиците од последната мигрантска криза од 2015-2017 година

Во споредба со големата мигрантска криза од 2015 година, кога низ Европа се движеа бегалци од Авганистан и други земји од Блискиот Исток и од Африка, во случајот со украинската криза нема расправа меѓу членките од Европската Унија за преземање одредена квота бегалци од Украина. Нашата држава во периодот од 2015-2017 година се соочи со големиот предизвик да се згрижат десетици илјади мигранти, кои транзитираа кон западноевропските земји. Во големиот мигрантски бран поминаа околу 800 илјади лица, за кои нашата држава требаше да издвои значителни финансиски средства за нивното привремено сместување, исхрана, здравствена и социјална заштита. Справувањето со овој проблем беше голем предизвик за целокупното македонско општество, а на почетокот институциите не беа целосно подготвени за решавање на ова прашање.
Во овој момент во Македонија се наоѓаат и бегалци од Авганистан, кои се сместени во хотелските капацитети во приградските реони во градовите. Вкупно 780 граѓани на Авганистан беа згрижени во земјава, по паѓањето на регуларната авганистанска влада по напуштањето на сојузничките сили од оваа земја. За овие лица македонската владата презеде обврска да обезбеди сместување и да ги згрижи. Во однос на сместувањето во хотелите, тоа е обврска на меѓународните организации, кои ги покриваат трошоците, соопшти владиниот портпарол Душко Арсовски, при приемот на бегалците. Нашата држава ги покриваше трошоците на превоз до хотелите, на вакцината, на ПЦР-тестот, за бесплатен здравствен преглед и други трошоци.