Договорот за извоз на украинско жито преку Црното Море денеска престана да важи и нема да биде продолжен бидејќи не е исполнет делот од него што се однесува на Москва, соопшти денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
– Денеска престана да важи Црноморскиот договор за жито. Како што претходно најави претседателот на Русија, по неговото истекување на 17 јули, договорот нема да биде продолжен бидејќи делот што се однесува на Русија сè уште не е спроведен- рече Песков.
Тој додаде дека Москва веднаш ќе се врати на примената на Црноморскиот договор штом почнат да се исполнуваат обврските наведени во меморандумот меѓу Русија и ОН за отстранување на пречките за извоз на руски прехранбени производи и ѓубрива.
Потпишан во јули 2022 година во Истанбул, договорот со посредство на Турција и ОН веќе двапати беше обновен. Договорот овозможи 33 милиони тони жито да се извезат преку украинските пристаништа минатата година и покрај конфликтот.