На кого мислеше европскиот комесар за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел кога изјави дека некој има интерес да се води регионална војна на Блискиот Исток / Фото: ЕПА

Високиот претставник на Европската Унија за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел, во понеделникот рече дека „можеби е во нечиј интерес“ избувнувањето поширока регионална војна на Блискиот Исток, што би го оневозможило запирањето на воените операции во Појасот Газа, и повика на деескалација на конфликтот меѓу Израел и Иран, пренесуваат агенциите

По изјавата на претставникот на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел дека „можеби е во нечиј интерес да има војна на Блискиот Исток“

Високиот претставник на Европската Унија за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел, во понеделникот рече дека „можеби е во нечиј интерес“ избувнувањето поширока регионална војна на Блискиот Исток, што би го оневозможило запирањето на воените операции во Појасот Газа, и повика на деескалација на конфликтот меѓу Израел и Иран, пренесуваат агенциите.
Борел не кажува кој би имал интерес од поширок регионален конфликт и во ваква маглива најава може само да се шпекулира која земја или земји би можеле да бидат на списокот на виновници. Проблемот од можна ескалација на Блискиот Исток се разгледува интензивно од 2023 година, а особено по терористичките напади на Хамас и израелската интервенција во Газа. Сега, откако Иран за првпат изврши директни напади врз Израел, тие анализи се пласираат на дневна основа. Па, на кого мисли Борел? Можеби повеќе ќе се знае денес по итната седница на Европскиот совет. На прво место се претпоставува дека иако не е директно замешана раката на Иран, тогаш во прашање се интересите на неговата оска на отпорот, односно неговите спонзорирани вооружени групи, како што се Хутите. Свои интереси има и Хезболах, кој опасно го фрла во оган и Либан. Конечно, интерес има и Израел, зашто по обемната акција на чистење на Газа, сега по иранскиот напад повторно ја враќа поддршката од Западот, пред сѐ од Америка, а тоа му овозможува да ја продолжи операцијата и да заврши со зацртаните цели.
И покрај повиците за деескалација, израелскиот воен врв најавува воен одговор откако Иран лансираше стотици беспилотни летала и проектили кон Израел во саботата навечер, како одговор на израелскиот напад врз иранскиот конзулат во Дамаск, во кој загинаа седум офицери на Иранската револуционерна гарда, вклучувајќи и двајца високи команданти. Израел ја отфрли одговорноста за нападот, кој се случи на 1 април. Очигледно е дека во моментов владее принципот „око за око, заб за заб“, но прашање е до која точка ќе расте температурата на Блискиот Исток.
– Ние сме на работ на бездна и мораме да се повлечеме. Мораме да притиснеме на сопирачките и да се вратиме наназад – изјави Борел за шпанското радио Онда Серо.
Во интервју за шпанската јавна телевизија ТВЕ, Борел изјави дека Европската Унија очекувала ваков одговор од Иран.
– Уште откако беше бомбардирана зградата на иранскиот конзулат, со неколку жртви, знаевме дека Иран ќе одговори. Покрај тоа, тие практично го соопштија тоа, како и кога ќе следува нападот. Иран сакаше да ја ограничи штетата што може да ја предизвика со својот напад. Одговорот на Иран е целосен – додаде тој.

СЕ ОЧЕКУВА ИЗРАЕЛСКИ ОДГОВОР НА ИРАНСКИОТ НАПАД

Борел рече дека очекува одговор од Израел по иранскиот напад, но и дека се надева дека тој нема да предизвика дополнителна ескалација. Тој рече дека има „длабока поделба“ во израелската десничарска владејачка коалиција меѓу тврдокорните, кои бараат жестока одмазда, и „поумерената и разумна“ фракција. Таа фракција бара одмазда „но на начин што избегнува одговор на одговор“.
Борел, кој разговараше доцна во неделата со иранскиот министер за надворешни работи Хосеин Амир Абдолахиан, рече дека Европската Унија мора да има најдобри можни односи со Иран и покрај санкциите наметнати врз него поради неговата нуклеарна програма и други прашања.
Борел рече дека сите дипломатски напори се насочени Израел „да остане воздржан и да не предизвика спирала на поголемо насилство“. Европската Унија разговара со двете земји за „да нема ескалација“.
– Иранскиот министер ми кажа дека, што се однесува до нив, одговорот е целосен. Но дека ќе возвратат ако бидат нападнати. Затоа е неопходно да се контролира ситуацијата бидејќи тоа може да предизвика регионална војна со голем интензитет – рече Борел.
Според него, ако се случи тоа, ќе биде невозможно да ја запрат војната во Појасот Газа, што е примарна цел.
– Палестинците не смеат да ја платат цената за сето ова. Не смееме да заборавиме дека во моментов е клучно да се запрат воените операции во Газа и да се достави помош до стотици илјади луѓе таму – додаде тој.
Во однос на признавањето палестинска држава, Борел истакна дека „за жал, признавањето на Палестина сè уште не е реалност“, иако многу земји од ЕУ зборуваат за решение со две признаени и соседни држави, Израел и Палестина“.

ИЗРАЕЛ ЌЕ НАПАДНЕ ИРАНСКИ ЦЕЛИ НАДВОР ОД ИРАНСКА ТЕРИТОРИЈА

Израел ќе започне контраодговор на иранскиот напад в сабота навечер, предупредува високиот командант на израелските сили Херзи Халеви. Според него, тоа е неопходно бидејќи Иран сакал да ги оштети „стратегиските способности на Израел“.
– Тоа никогаш порано не се случило – рече Халеви во изјавата.
Воениот кабинет во Израел се состана доцна во понеделникот, а е најавен состанок и за вторникот за да се разговара за ситуацијата. Израелскиот информативен канал Канал 12, како што пренесе холандскиот јавен сервис НОС, вели дека Владата одлучила да започне „јасен и силен“ одговор, но не сака да започне голема војна во регионот. Воениот кабинет разговараше за различни опции, пишува новинскиот канал.
Медиумот пишува дека кабинетот се обидува да испланира напад во соработка на САД. Сепак, САД претходно соопштија дека нема да учествуваат во напад. Обединетото Кралство го повика Израел да не се одмаздува за нападот.
САД очекуваат ограничен одговор од Израел на големиот ирански беспилотен и ракетен напад. Американскиот Ен-би-си њуз го пренесува ова врз основа на разговори со четворица американски претставници.
Тие велат дека Израел нема директно да го нападне Иран, туку наместо тоа ќе ги нападне иранските сили или милициите поврзани со Иран надвор од иранската територија. Иран има врски со Хамас во Појасот Газа, Хезболах во Либан и со различни милиции во Ирак и Сирија, сирискиот режим и Хутите во Јемен.
Конечната одлука за израелски контранапад сè уште не е донесена и не е јасно кога ќе се случи, велат властите. Х.И.


КАКВИ ПОРАКИ РАЗМЕНИЛЕ БЕЛАТА КУЌА И ТЕХЕРАН?

Иран не ги предупреди САД за времето на нападот врз Израел или за можните цели. Белата куќа го соопшти ова како одговор на изјавите на иранскиот министер за надворешни работи Хосеин Амир Абдолахиан. Тој вчера рече дека Иран ги известил САД пред нападот.
– Ги видовме извештаите дека Иранците сакале нападите намерно да пропаднат и дека овој спектакуларен и срамен неуспех бил целосно испланиран – рече портпаролот Кирби. „Сето ова е категорично лажно“. Нападот беше речиси целосно одбиен со помош на САД.
Според Белата куќа, САД размениле пораки со Иран, но не и за детали од иранскиот напад. Кирби не кажа за што станува збор за пораките.


КОЛКУ ИРАН Е ВОЕНО МОЌЕН?

Иранскиот министер за надворешни работи вели дека Иран ќе одговори „веднаш и понасилно од претходно“ доколку Израел возврати, но за што е способна иранската војска?
Иранските вооружени сили се меѓу најголемите на Блискиот Исток: според пребројувањето на Меѓународниот институт за стратегиски студии, има најмалку 580.000 активни војници, а може да бидат повикани уште 200.000 резервисти.
Иран со текот на годините изградил голем арсенал на оружје. Воени стручњаци сметаат дека иранската армија се состои главно од голема маса, но квалитетот на копнените и воздушните сили е ограничен во споредба со тие на САД и Израел.
Ударната моќ на Иран главно лежи во оружјето со долг дострел, како што се крстосувачките ракети, беспилотните летала и ракетите со долг дострел. Иран истрела повеќе од 300 вакви проектили кон Израел во саботата навечер. Голем напад, кој Израел успеа речиси целосно да го спречи со помош на сојузниците.