Фото: Илустрација/Принтскрин

Украинското министерство за одбрана соопшти дека уништило 37 дронови „шахид-136 с“ познати како камикаѕе-дронови на што реагираше Иран, повторно отфрлајќи ги тврдењата дека ја снабдува Русија со оружје.

– Иран постојано објавува дека не е страна во војната помеѓу Русија и Украина и не испратил никакво оружје на која била страна. Објавените вести се засновани врз политички прашања. Иронично е што државите што извезуваат оружје вредно милиони долари на една страна во војната почнаа пропагандна војна против Иран – кажа Насир Канани, портпарол на иранското МНР.

Ваквиот став гео потврди и иранскиот министер за надворешни работи Хосеин Амир Абдолахијан во телефонски разговор со португалскиот колега.

Иранскиот демант уследи откако властите во Киев и во САД кажаа оти Кремљ користи т.н. камикаѕе-дронови од иранско производство во низата напади низ Украина што се случуваат денес.

Иранските камикаѕе-дронови им се спротивставуваат на американските хаубици во Украина

САД подготвуваат одговор за иранските дронови по предупредувањето за снабдување на Русија

– Во изминатите 13 часа украинската армија собори 37 ирански дронови „шахид-136“ и три крстосувачки ракети – објави украинското министерство на Твитер.

Руските напади со дронови беа покренати од јужна Украина, тврдат украинските воздухопловни сили.

Тие соопштија дека погодиле 11 дронови „шахид-135с“ во северните и централните региони од државата. Девет биле соборени од противавионски ракети и воени авиони, додека два биле уништени од копнените сили. Претходно беше соопштено дека 26 дронови биле урнати на југот на Украина.

Дроновите се способни за пренесување на ракети со прецизно наведување и имаат експлозивен товар од околу 50 килограми.

Неколку експлозии одекнаа во раните утрински часови во Киев, точно една недела откако Русите извршија напади врз главниот град на Украина. Минатиот понеделник, на 10 октомври, Русите силно го бомбардираа Киев и други украински градови, при што загинаа 19 лица, а беа повредени 105, што предизвика меѓународна осуда. Еден ден подоцна, Русите продолжија со воздушните напади, но со помала жестокост, а нивна главна цел беа енергетски постројки на западот на Украина.