Европската зелена револуција е лансирана, но сѐ повеќе станува сосема очигледно дека Европа едноставно нема услови за инсталирање толку многу единици на зелени енергетски постројки, кои ги бара новата амбициозна зелена политика. Уште повеќе, енергетичарите го издвојуваат проблемот дека „зелената трансформација ќе развие нова зависност од литиумот“, кој е потребен за развој на зелена технологија, пред сѐ за батерии за складирање електрична енергија. Обидувајќи се да обезбеди доволно ресурси на литиум, ЕУ уште еднаш, како и во случајот со гасот и нафтата, неминовно доаѓа до сознание дека едноставно ги нема потребните ресурси на територијата на своите членки. Нема доволно наслаги на литиум, а уште помалку наслаги на т.н. ретки земјени метали, исто така клучни за зелената транзиција. Што би значело тоа за ЕУ?
Стариот Континент ги нема на својата територија потребните ресурси за развој на зелената трансформација
Спроведувајќи голема зелена трансформација на економијата и општеството и „намалувајќи ја енергетската зависност од јаглеводородни горива“, пред сè нафта и гас, притоа обидувајќи се целосно да излезе од гасниот бизнис со Русија, Европската Унија „постепено запаѓа во нови контрадикторности и зависности“. Украинската војна во пакет со енергетската криза доведе до реактивирање на старите, класични енергетски производствени капацитети во Европа. Тоа очигледно мораше да се направи, бидејќи зелената енергија (зелената трансформација) ниту оддалеку не можеше да им ги задоволи потребите на националните стопанства, а ни на домаќинствата и на граѓаните на Европа. Значи, сакале или не, зависноста од конвенционалните енергенти остана, секако за да преживеат и економиите и граѓаните. Но она што е ново во рамките на развивањето на зелената трансформација е веројатноста за развивање една нова зависност, а тоа е насушната потреба на еден елемент без кој ќе нема зелена енергија – литиумот.
Улогата на литиумот во зелената револуција
Наместо од нафтата или од јагленот, енергетичарите предупредуваат дека зелената трансформација ќе развие „нова зависност од литиумот“, кој е потребен за развој на зелена технологија, пред сѐ за батерии за складирање електрична енергија.
Обидувајќи се да обезбеди доволно ресурси на литиум, Европската Унија уште еднаш, како и во случајот со гасот и нафтата, неминовно доаѓа до сознание дека едноставно ги нема потребните ресурси на територијата на своите членки. Нема доволно наслаги на литиум, а уште помалку наслаги на т.н. ретки земјени метали, исто така клучни за зелената транзиција или, пак, каде што постојат, локалните заедници жестоко се спротивставуваат на ископувањето и екстракцијата на литиумот и на ретките минерали, бидејќи со тоа се уништува и се загадува животната средина.
Франција, Португалија и Шпанија сè уште се обидуваат да обезбедат производство на литиум на нивната територија, но тоа ни оддалеку не ги задоволува потребите на зелената транзиција ниту на тие земји, ниту на остатокот од ЕУ. Во обид да ја искористат локацијата, рударските компании влегуваат во сè пожестоки конфликти со локалното население, кое го отфрла рударството во нивната околина. Имено, се проценува дека единствените релевантни резерви на литиум во Европа се наоѓаат во пограничните региони меѓу Шпанија и Португалија, па португалската влада веќе усвои стратегија за производство на литиум со намера да го заокружи производниот синџир од екстракција на литиум до батерии. Шпанија се обидува да го стори истото тоа на својата страна од границата.
До вчера ЕУ беше зависна од Русија, отсега, поради литиумот, ќе биде од Кина
Отпорот на локалното население, и од португалската и од шпанската страна на границата, го прави отворањето проекти во врска со литиумот практично невозможно. Во јули минатата година, „Дојче веле“ во написот со наслов: „Литиум: бело злато и црвена ткаенина“ објави дека граѓанска иницијатива во шпанска Екстремадура успеала да спречи отворање рудник за литиум и фабрика за негово финално обликување во близината на градот Касерес, а протестите се проширија и на блискиот Канаверал.
Оттука, густо населената Германија и остатокот од Европската Унија речиси веќе не се понесени од идејата да ги искористат дури и неколкуте наоѓалишта на литиум на нивната територија, делумно поради непрофитабилноста да се работи на мали наоѓалишта, делумно поради противењето на месните заедници. Поради ова, Европската Унија и нејзините членки се принудени да се потпрат на извори на литиум од другите делови на светот во спроведувањето на зелената трансформација на општеството и економијата. Кина, Австралија и Чиле имаат најголеми наоѓалишта на литиум и се клучни доставувачи.
Имено, Кина произведува шеесет проценти од литиумот што го има на светскиот пазар, па затоа Европската Унија и нејзините членки се принудени, сакале или не, поради зголемената зависност од литиум и од ретки минерали, да тргуваат со Кина. Речиси пропорционално на степенот до кој се ослободени од зависноста од рускиот гас, најмоќните земји на Европската Унија стануваат зависни од кинескиот литиум и ретки метали.
Складирањето енергија е клучно
Големата европска зелена транзиција е заглавена во неколку аспекти. Покрај недоволните ресурси на сонцето и ветерот, кои треба да произведуваат зелена енергија, недостига и простор за инсталирање енергетски постројки за производство на зелена енергија и нејзино складирање. Недостигаат и ресурсите на литиум и ретки метали што ги поседува Кина.
Европската Унија ќе мора да вложи многу напори за да обезбеди доволно литиум за европската енергетска транзиција, притоа избегнувајќи зависност од Кина, за што објективно има малку можности поради ограничениот број производители и големиот удел на Кина во производството и трговијата. И без литиум, невозможно е да се изврши енергетската транзиција бидејќи се користат од батерии за складирање електрична енергија до електронски кола што се користат во информатичката технологија. Нивната примена е неизбежна во најавеното масовно производство на електрични возила, во батерии и електронски компоненти. Европската Унија прогласи забрана за производство на нови автомобили со дизел и бензински мотори до 2035 година. Поголемиот дел од новите автомобили потоа би биле електрични, а се предвидува дека некои ќе се напојуваат од таканаречениот зелен водород. Оваа голема трансформација нема да биде можна без огромни количества литиум.
Светската банка проценува дека производството на минералите потребни за транзицијата на зелената енергија, доколку таа треба да се имплементира, драстично ќе се зголеми во следната деценија, вклучувајќи и 500 отсто зголемување на производството на графит, литиум и кобалт до 2050 година. Во периодот до 2030 година, на Европската Унија, според процената на Светската банка, ќе ѝ биде потребен 18 пати повеќе литиум отколку што користи денес, а до 2050 година ќе ѝ треба 60 пати повеќе литиум отколку денес за да ги исполни сите наведени цели за постигнување нула емисии на јаглерод диоксид. Секое домашно производство на литиум и други минерали на европска почва едноставно нема да биде доволно во секој случај за исполнување на амбициозните цели на зелената транзиција на Европската Унија.
Што ќе значи новата зависност (на зелената ЕУ-трансформација) од литиум?
На многу енергетичари им стана јасно дека глобалното потпирање на ретки минерали наскоро ќе стане исто толку значајно како и зависноста од нафта и гас, додека земјите низ светот се тркаат за развој на проекти за обновливи извори на енергија и батерии за складирање, како и транзиција од возила на јаглеводороди на електрични горива. Како што побарувачката за производи што ќе се генерираат со енергетската трансформација, вклучувајќи ги и електричните возила, ќе расте сè повеќе така ќе расте и потребата за производство и снабдување со литиум. Недостигот од ресурси на литиум во Европа ќе ја принуди Европската Унија сè повеќе да го набавува надвор од Европската Унија, што, парадоксално, ако успее да се извлече од пазувите на зависноста од рускиот гас и нафта, повторно ќе ја направи зависна од надворешни сили во областа на енергетиката.
Така, Европската Унија ќе премине од една зависност што се покажа фатална во моментите на геополитички пресврт кон нова зависност, имено, зависноста од кинеските минерални ресурси, вклучувајќи го и литиумот.
Урсула фон дер Лејен: Предупредувам на опасноста од паѓање на ЕУ во нова замка за зависност
Интересно е да се анализира процената на „Бенчмарк минерал интелиџенс“, приватна агенција за следење на производството, пласманот и цените на минералите неопходни за енергетската транзиција, која се смета за еден од најважните обезбедувачи на специјализирани информации за процесите во синџирот на снабдување со литиум-јонски батерии. Според нив, дури и да успеат проектите што Франција, Португалија и Шпанија се обидуваат да ги реализираат за екстракција на литиум и снабдување на Европа, „ќе биде тешко да се оттргнат од позицијата снабдувач земјите што денес имаат конкурентна предност во ископувањето и преработката на литиум поради пониските трошоци за работна сила, енергија и потребните суровини како реагенси, што особено се однесува на Австралија и на Кина“. Во исто време, европското производство на литиум-концентрат е незначително во споредба со глобалното производство.
Неодамна, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, предупреди на опасноста од паѓање во нова замка за зависност, обидувајќи се да поттикне нови рударски проекти на европска почва. Притоа таа изјави дека домашното производство на литиум и ретки минерали е исклучително важно за Европската Унија, бидејќи тие производи наскоро ќе бидат поважни од нафтата и гасот. Во исто време, се разбира, таа целосно ги игнорираше еколошките проблеми со рударството и екстракцијата во густо населените области на земјите-членки на Европската Унија. Претседателката на Европската комисија, исто така, предупреди дека Кина во моментов контролира околу 90 отсто од индустријата за ретки минерали и дека 60 отсто од светското производство на литиум се одвива во Кина. Според неа, тоа е загрижувачко за Европската Унија, која се обидува не само да ја елиминира зависноста од руската нафта и гас, туку истовремено да ја намали зависноста од кинеската енергија и производи. Тоа, очигледно, ќе биде еден од главните проблеми на енергетската транзиција на Европската Унија во наредниот период. Свеста за запаѓање во нова зависност очигледно постои, но прашање е дали Европската Унија може да го избегне тоа.