Путин и лидерите на четирите региони пред потпишувањето на договорот за анексија кој предизвика лавина реакции

Што се случува по одлуката на Кремљ за анексија на четирите региони Донецк, Луганск, Херсон и Запорожје

Подготвил: Mарјан Велевски

За припојувањето на украинската територија кон Русија се дебатираше и на состанокот на Советот за безбедност на ОН. Притоа, Русија стави вето на резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации со која се осудува анексијата. Резолуцијата, предложена од САД и Албанија, имаше цел да ги повика земјите-членки да не признаваат каква било промена на територијалниот интегритет на Украина и да ја обврзе Русија да ги повлече своите трупи. Од друга страна, Кремљ веќе соопшти дека „нападот врз новоприпоените територии ќе се смета за акт на агресија врз Русија“!

Одлуката на Руската Федерација за анексија на четирите украински региони наиде на реакции кај голем број земји. Некои одбиваат да ја признаат ваквата одлука, третирајќи ја како сериозно прекршување на воспоставените принципи на меѓународното право, други ја признаваат, трети се воздржани.

За референдумот и неговото (не)признавање и воздржаност во меѓународната заедница

За припојувањето на украинската територија кон Русија се дебатираше и на состанокот на Советот за безбедност на ОН. Притоа, Русија стави вето на резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации со која се осудува анексијата. Резолуцијата, предложена од САД и Албанија, имаше цел да ги повика земјите-членки да не признаваат каква било промена на територијалниот интегритет на Украина и да ја обврзе Русија да ги повлече своите трупи. За документот гласаа десет земји, а четири држави во највисокото тело на ОН беа воздржани – Кина, Индија, Бразил и Габон.
Сите ние имаме интерес да ги браниме светите принципи на суверенитет и територијален интегритет, во одбраната на мирот во нашиот модерен свет. Станува збор за нашата колективна безбедност, нашата колективна одговорност за одржување на меѓународниот мир и безбедност – изјави Линда Томас-Гринфилд, амбасадорка на САД во ОН.

Рускиот амбасадор во Обединетите нации, пак, им порача дека окупираните региони сами одлучиле да бидат дел од Русија. Според рускиот претставник, гласањето за резолуцијата претставува провокација и непријателски чин.
Ваквите отворено непријателски дејства од страна на Западот се одбивање да се ангажира и да соработува во рамките на Советот, одбивање на практиките и искуството стекнато во текот на многу години – изјави Василиј Небензија, амбасадор на Русија во ОН.

Во меѓувреме, според бројноста, сѐ повеќе земји ги оспоруваат резултатите од референдумот и анексијата што ја спроведе Русија потоа. Претседателот на САД, Џо Бајден, изјави дека заканите на Путин нема да ги заплашат западните сојузници и вети уште поголема помош за Украина.
– Америка е подготвена заедно со НАТО да го брани секој дел од територијата на Алијансата – рече Џо Бајден, претседател на САД.
Американскиот министер за надворешни работи, Ентони Блинкен изјави дека Вашингтон никогаш нема да признае таков чекор. Според шефот на американската дипломатија, гласањата во Донецк, Луганск, Херсон и Запорожје не ја одразуваат волјата на народот, а постапките на руските сојузници во Украина го прекршуваат меѓународното право и се „навреда за принципите на меѓународниот мир и меѓународната безбедност“.

Понатаму, од турското министерство за надворешни работи анексијата ја нарекоа „тешко прекршување“ на меѓународното право, истакнувајќи дека Анкара исто така одбила да го признае незаконското присвојување на Крим во 2014 година.
Германија, пак, од официјален Берлин упати критики до Москва поради руската анексија. Според министерката за надворешни работи Аналена Бербок, анектирањето на украинските територии претставува најгрубо прекршување на Повелбата на ОН. Од германската влада велат и дека планот на рускиот претседател Владимир Путин е заземање на цела Украина, а неговата агресија покажува дека тој нема да се воздржува од напади и на други земји.

Москва: Нападот врз новоприпоените територии ќе се смета за акт на агресија врз Русија

Дополнителна доза за загриженост претставува ставот на Кремљ, од каде што е соопштено дека нападот врз новоприпоените територии ќе се смета за акт на агресија врз Русија. Сојузниците на Украина стравуваат дека потегот може да создаде изговор за нова опасна фаза во војната.

Според експертите што ја анализираат новонастанатата ситуација, анексијата на оваа територија е „нов елемент во ескалацијата на состојбите“. Тоа е нов момент, кој покажува дека Русија нема да се повлече, односно дека „за Москва нема враќање назад“.

Имено, како што се согласуваат многу аналитичари, Путин со овој потег практично ја затвори вратата за можни конструктивни мировни преговори со Украина. Од Киев порачаа и дека не знаат што да преговараат со Путин и веќе најавија дека тоа ќе го направат со друг, очигледно целејќи на некој што доаѓа по Путин. Тешко е да се поверува дека Путин би се согласил да преговара за Крим и овие новоприпоени територии, кои Русија ги смета за своја територија од 30 септември.

Според експертите, просторот за преговори е намерно стеснет и оневозможен од Путин, и покрај ваквите лаконски повици. Путин ја анектира областа за, пред сè, да ѝ претстави на својата јавност некаква победа по повеќе од шест месеци исцрпувачка војна, која не ги дава очекуваните резултати. Во моментов, како што пишуваат западните воени аналитичари, руската армија нема доволно сила и ресурси за да започне контраофанзива. Иако се врши мобилизација, нема да може толку брзо да се дополнат силите на теренот, иако една од целите е токму Русија да добие предност пред Украинците со бројот на војници. Дури се зборува дека Путин би можел да мобилизира над милион луѓе и да ги испрати на бојното поле. Но тоа е поврзано и со многу логистички тешкотии што очигледно ги имаат Русите.

Од друга страна, Украинците се на потег, а НАТО има намера да ја зголеми набавката на оружје со испраќање тенкови, нови системи за противвоздушна одбрана, но и со испраќање нови „парии“ на ХИМАРС, како и нови ракетни системи АТАКМС, кои на Украинците би им донеле, ако не превласт, барем „изедначување“ на теренот.
Наспроти поддршката со испорака на оружје и воена опрема од страна на НАТО, шефот на европската дипломатија Жозеп Борел оцени дека приемот на Украина во НАТО „во овој момент не е фундаментално прашање“.

Во интервју објавено за шпанската телевизија 24 Орас, Борел зборуваше за нуклеарната закана на рускиот претседател Владимир Путин, оценувајќи дека „таков ризик навистина постои“ и потсети дека рускиот лидер рекол дека тоа е „вистинска закана“.

Овие закани дополнително ја изолираат Русија, но, сепак, мора да се сфатат сериозно – рече Борел.
Првиот европски дипломат додаде дека е важно да се продолжи со досегашната поддршка за Украина и со санкциите кон Русија, кои, како што потврди, даваат ефект.
Ова е првпат ЕУ да ги искористи своите средства за набавка и испорака на оружје за земја во војна. Благодарение на тоа и придонесот на САД, Украина може да се одбрани – рече Борел.

Неколку слики за пополнување на сликата за југоисточна Украина

Четирите украински региони, Донецк, Луганск, Херсон и Запорожје, формираат важен копнен коридор помеѓу Русија и Кримскиот Полуостров, кој е анектиран од Москва во 2014 година. Заедно со Крим, гореспоменатите области сочинуваат околу 20 отсто од територијата на Украина. Москва одамна ја призна независноста на самопрогласените народни републики Луганск и Донецк, односно неколку дена пред почетокот на воената операција на 24 февруари. Во вторникот (27 септември) завршија референдумите во четирите региони, кои од страна на украинската влада и западните земји се отфрлени како спротивни на меѓународното јавно право. А според тамошните власти, на овие референдуми големо мнозинство од населението се согласило за припојување кон Русија.

Од друга страна, украинските власти порачаа дека ништо не се менува со потезите на руската држава. Ја продолжија контраофанзивата за повторно заземање на територијата што е нападната. Во фокусот беше клучниот град Лиман во Донецк, каде што се тврдеше дека повеќе од 5.000 руски војници се целосно опколени во градот.
Вчера и официјално украинската армија соопшти дека нивните војници влегоа во градот Лиман, важен железнички јазол во источна Украина, кој со месеци служел како логистички и транспортен центар за руските операции во северниот дел на Донецк.
Украинските сили навлегуваат во Лиман, во регионот на Донецк – објави украинското министерство за одбрана.

Министерството објави и видео на кое се гледа како припадниците на 81-та воздухопловна бригада и Националната гарда ги симнуваат руските знамиња во центарот на градот…