Фото: Пиксабеј

Извршниот директор на „Крауд страјк“ (CrowdStrike), компанијата за сајбер безбедност, за која постојат сомневања дека е главниот виновник за големите технички проблеми со кои денеска се соочија многу аеродроми, медиуми, банки, продавници ширум светот, изјави дека „активно работи со своите клиенти кои се погодени од дефект откриен во ажурирањето на уредите што работат на оперативниот систем Виндоус (Windows)“.

-Ова не влијаеше на компјутерите на Mac и Linux. Ова не е безбедносен инцидент или сајбер напад – рече Џорџ Курц.

Тој додаде дека проблемот бил идентификуван и изолиран.

-Ги упатуваме корисниците на порталот за поддршка, каде што можат да ги преземат најновите ажурирања. Ќе продолжиме да обезбедуваме пристап до нив – рече Курц.

Тој препорачува организациите да се погрижат да комуницираат со претставниците на „Крауд страјк“ преку официјални канали.

-Нашиот тим е целосно мобилизиран за да обезбеди безбедност и стабилност на сите наши клиенти – уверува извршниот директор.

Во светот денеска беа пријавени проблеми и прекини во ИТ-мрежите во глобалните институции, вклучувајќи банки, телекомуникациски компании, медиуми и авиокомпании, приземјени се авиони, медиуми не емитуваат програми, а погоден е и компјутерскиот систем на Летните олимписки игри во Париз, кои почнуваат за една недела.