Уште еден поглед на резултатите од случувањата на самитот на НАТО во Хаг
Самитот на НАТО што се одржа минатата недела во Хаг привлече огромно медиумско внимание, поради неколку прашања што беа на дневен ред, а кои уште претходно предизвикаа бурна дискусија кај земјите членки. Оттаму, и анализите што се појавија по самитот во Хаг се следат со големо внимание за да се добие што појасна слика она што навистина се случи. Навистина, факт е дека најголемо внимание предизвика учеството на американскиот претседател Доналд Трамп, за кој најголемиот број аналитичари укажуваат дека постигнал голема дипломатска победа бидејќи неговите повици за зголемени европски трошоци за одбрана се претворија во реалност. Текстот на конечната декларација на самитот ја објави посветеноста на НАТО да троши 5 проценти од својот буџет за одбрана. Токму тоа и ја артикулираше својата поддршка на клаузулата за колективна одбрана од членот 5.
Од друга страна, и ако големата победа на американскиот претседател требаше да го зголеми чувството за безбедност на Европа, самитот на НАТО го остави источниот дел на Алијансата со чувство на голема вознемиреност. Па така, британски „Телеграф“ во својата анализа наведува дека „провокативните коментари на Трамп за двосмисленоста на членот 5 најмногу ги оставија балтичките држави со многу прашалници“.
Натаму се додава дека „чувството дека се напушта Украина“ било уште поочигледно, поради одбивањето во завршната декларација на самитот на НАТО да се осуди Русија за војната во Украина. Исто така, индиција за напуштање на апсолутната поддршка за Украина е маргинализираното присуство на Володимир Зеленски, со што „го отелотворија растечкиот замор на Алијансата од Украина “.
Дополнително, се укажува на настапот на Марк Руте, генералниот секретар на НАТО, кој „иако ја повтори долгогодишната мантра за неповратниот пат на Украина кон членство во Алијансата, неговите зборови се чинеа попразни од кога било досега“.
Заклучоците на самитот на НАТО во однос на Украина, според аналитичарите, симболично претставуваат еден поширок тренд. Имено, по повеќе од три години исцрпувачка војна со Русија, Украина се наоѓа во ситуација да нема доволно луѓе и оружје за да продолжи на патот што ѝ го покажува Западот.
За време на нивниот провокативен состанок во Овалната соба со Зеленски, Трамп предупреди дека на Украина „ѝ недостигаат војници“, а Џ.Д. Венс, неговиот потпретседател, се побуни против присилната регрутација на украинските улици. Украинскиот претседател одговори на овие потсмевања со тоа што го поништи своето долгогодишно противење на мобилизацијата на Украинците на возраст од 18 до 24 години. Зголемувањето на доброволните нови регрути не го реши проблемот. Постепените воени триумфи на Русија околу Покровск беа овозможени поради недостиг од украински бранители, а моралот во редовите на украинската армија се намалува поради несогласувањата меѓу обичните војници и високата команда околу тактиките. Борбените загуби ги исфрлаат од стројот најискусните украински војници и ги оставаат нивните неискусни замени да бидат ранливи на масовните руски настапи.
Трамп продолжува да сигнализира дека се прекинува безрезервната воена помош за Украина, а снабдувањето со воен материјал е на работ да се намали уште повеќе. Како што руските беспилотни летала и ракетни напади против Киев се интензивираат, Украина им дава приоритет на системите за воздушна одбрана „патриот“ во своите набавки од САД и ги заобиколува своите минати барања за пософистицирано офанзивно оружје. Изгледите САД да префрлат крстосувачки ракети „томахавк“ или авиони што би можеле целосно да ги неутрализираат руските напредни борбени авиони „Су-35“ се сѐ помали.
Засега, Украина може да се потпре на неконстантната дарежливост на своите европски сојузници за да компензира некои од овие недостатоци. Европските земји, исто така, играат клучна улога во зајакнувањето на домашната индустрија за оружје на Украина. На самитот на НАТО, Велика Британија објави планови за финансирање заеднички иницијативи за производство на беспилотни летала со Украина и Германија, засновани на нејзиното неодамнешно ветување да инвестира 5 милијарди евра во капацитетот за производство на ракети со долг дострел во Украина.
Додека Трамп и Руте го поздравија зголемувањето на трошоците за одбрана што треба да ја зголеми долгорочната отпорност на НАТО, маргинализацијата на Украина во заедничката декларација на НАТО нихилира многу од придобивките од системот на „заедничкиот чадор“, коментираат меѓународни воено- политички експерти. Р.С.