Претседателите на САД флагрантно ги прекршуваат строгите прописи за чување на класифицираните документи
На 20 јануари 2023 година, ФБИ изврши планиран, договорен и одобрен претрес на резиденцијата на претседателот на САД, Џо Бајден, во Вилмингтон, Делавер. Претресот ги вклучил „сите работни, станбени и складишни места во куќата“ на претседателот на САД. Во претресот, кој траел повеќе од 12 часа, агентите на американското министерство за правда (ФБИ), во домот на претседателот Џо Бајден во Вилмингтон, во државата Делавер, заплениле „дополнителни шест предмети што се состојат од доверливи документи“. На претресот присуствувале и претставници на личниот правен тим на претседателот Бајден и канцеларијата на советникот на Белата куќа. При претресот не присуствувале ниту претседателот ниту првата дама. Агентите на ФБИ имале непречен пристап до целата куќа на Бајден, а претресот траел 12 часа и 45 минути.
Откриени документи стари и 50 години
Фактот дека во САД со посебен закон е регулиран начинот на архивирање односно користење на доверливите документи од овој тип беше повод да се поведе истрага за однесувањето на Бајден по ова прашање. Од американските претседатели и потпретседатели се бара да ги вратат владините документи во националните архиви по завршувањето на нивниот мандат. Во врска со конкретниов случај, јавниот обвинител Мерик Гарланд го назначи специјалниот советник Роберт Хур, кој ќе го испита задржувањето на документите на Бајден по истекот на неговиот мандат како потпретседател.
Адвокатот на претседателот на САД, Боб Бауер, кој присуствуваше на претресот, рече дека агентите на ФБИ зеле писмени белешки од периодот пред да стане претседател на САД. Некои од земените документи биле од ерата на мандатите на Бајден во Сенатот од 1973 до 2009 година, а други биле од времето кога тој беше потпретседател на Барак Обама. За потсетување, Џо Бајден го напушти американскиот Сенат во 2008 година за да биде потпретседател на поранешниот претседател Барак Обама.
Адвокатот на Бајден потврди во јавноста дека ФБИ запленило шест досиеја, но не го спомена бројот на доверливи документи во нив. Имено, доверливите документи биле пронајдени во канцелариите на истражувачкиот центар „Пен Бајден“ во Вашингтон, на 2 ноември 2022 година, но информацијата во јавноста во врска со овој настан беше лиферувана дури минатата недела.
Во гаражата на претседателот Бајден пронајдено второ складиште со доверливи документи
Во гаражата на домот на претседателот во Вилмингтон, исто така, беше пронајдено друго складиште со доверливи документи. Минатиот викенд во претседателската резиденција беа пронајдени дополнителни доверливи документи.
Конгресниот комитет и специјалниот советник Роберт Хур, кој беше назначен за време на процесот, го истражуваат начинот на кој претседателот Џозеф Бајден постапувал со доверливите документи од неговото време како потпретседател, од кои некои беа пронајдени во ноември во канцеларијата што Бајден некогаш ја користел во Вашингтон.
И против поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп, е во тек истрага по истата основа
Откритието на доверливи документи временски се совпадна со истрагата против уште еден поранешен американски претседател, Доналд Трамп, исто така за наводното неправилно постапување со стотици доверливи документи во неговата резиденција Мар-а-Лаго во Флорида и неговото наводно неисполнување на поканата.
Поранешниот претседател Доналд Трамп, кој однесе стотици доверливи документи од Белата куќа во својата резиденција на Флорида, исто така, сѐ уште е под посебна истрага.
Трамп и неговите адвокати се спротивставија на предавањето на документите сѐ додека ФБИ не упадна во неговиот дом на Флорида минатиот август.
Претседателот Бајден тогаш рече дека ракувањето со документите од страна на Трамп било „целосно неодговорно“.
Трамп не објасни од каде се документите во неговиот дом, но рече дека има моќ како претседател да ги декласифицира, што адвокатите го оспоруваат.
Републиканците ја споредија истрагата со тековната истрага за начинот на кој поранешниот претседател Доналд Трамп постапувал со доверливи документи по неговото претседателствување.
Белата куќа соопшти дека тимот на Бајден соработувал со властите во нивната истрага и ги предал документите.
Медиумите вчудовидени издвојуваат изјава на претседателот на САД во која тој вели дека „не жали“ што се пронајдени доверливи документи во неговиот дом и поранешна канцеларија и дека верува дека проблемот ќе се реши?!