Фото: Маја Јаневска-Илиева

Хрватска повторно воведува задолжителна воена обврска откако хрватските пратеници со големо мнозинство ги прифатија измените на Законот за одбрана и служба во вооружените сили. Според измените, возрасните мажи до 29 години, кои се медицински способни за воена служба, се должни, со некои исклучоци, да завршат два месеца основна обука, почнувајќи од јануари 2026 година.

– Министерот за одбрана Иван Анушиќ го оправда повторното воведување на задолжителната воена обврска, која беше укината пред 17 години, наведувајќи, меѓу другото, прилагодување кон „европските трендови“ и „променетата безбедносна ситуација“, без да ја спомене војната на Русија против Украина. Сепак, неговиот ресор ги интензивираше напорите во овој поглед од почетокот на таа војна. Хрватска, исто така, сака со повеќе војници да биде подобро подготвена за „зголемениот број природни катастрофи“ и други кризи – се вели во известувањето од хрватското Министерство за одбрана.

Со законот е предвидено цивилно служење на воениот рок за оние кои ќе изразат приговор на совеста. Свештениците, монасите и мажите со двојно државјанство кои служат во друга земја се ослободени од воена служба. Воената служба е достапна за жени на доброволна основа. Според извештаите на медиумите, хрватската армија се надева дека ќе обучува 4.000 регрути годишно.