Политичките кругови во САД забележуваат пораст на популарноста меѓу Американците за политиките на претседателот на Русија, Владимир Путин?!
Контроверзни резултати од истражувања на јавното мислење во САД
Поранешната државна секретарка и кандидатка за претседател на САД на изборите во 2016 година, Хилари Клинтон изјави дека не ги разбира Американците што се на страната на Путин, но и дека треба да се борат против тоа.
Во разговор за американската телевизија Пи-би-ес таа истакна дека руското раководство е „воодушевено“ поради турбуленциите што го потресуваат американскиот Конгрес, затоа што тоа е закана за прекинување на испораката на американското оружје за Киев.
– Ме збунуваат изјавите на некои Американци што се на одговорни функции дека САД не треба да го поддржат народот на Украина. Во САД има идеолошка и политичко-партиска поделба – истакна Хилари Клинтон.
Нејзините изјави доаѓаат во деликатен момент, кога политичката состојба во САД се заканува да излезе од контрола, и тоа поради Украина. Неодамнешното усвојување на нацрт-законот за буџетот, кој не вклучува нова парична помош за Киев, ги подели политичарите, а дојде и до преседан и смена на претседавачот на Претставничкиот дом на Конгресот, Кевин Мекарти. Поради превирањата во Конгресот реагираше и шефот на Белата куќа, Џозеф Бајден, кој изјави дека е загрижен дека судирот на републиканците во Конгресот може да му наштети на испраќањето помош за Украина.
– Тоа ме загрижува, но знам дека постојат мнозинство членови на Претставничкиот дом и на Сенатот од двете партии што рекоа дека ќе поддржат испраќање помош за Украина. Постои уште еден начин на кој би можеле да пронајдеме финансиска помош за Киев – изјави Бајден.
Американскиот претседател најави дека наскоро ќе одржи говор во кој ќе објасни зошто е важно за САД и нивните сојузници да останат посветени во испраќањето помош за Украина. Високи американски лица веруваат дека преостануваат неколку недели пред да настане сериозен проблем на военото поле со неиспорачување дополнителни финансии за Украина, пишува Си-ен-ен.
Наоѓањето нови начини за продолжување на финансирањето на Киев може да го отежне и изборот на претседател на Долниот дом. Официјалните лица повеќе ги загрижува ако се приближат до крајот на привремениот договор за финансирање на владата на САД, кој истекува на 17 ноември, што би значело нова криза во Вашингтон, со реално намалување на можноста за одобрување дополнителни средства за Украина.
Во исчекување на конечното сценарио како ќе биде обезбедена нова помош за Украина, во САД планираат да се префрлат запленетото иранско оружје и муниција во Украина. Американската централна команда соопшти дека се префрлени над милион парчиња запленета иранска муниција за украинските вооружени сили.
Според пишувањето на весникот „Волстрит журнал“, Киев има доволно средства да издржи до крајот на месецов, но тоа е сѐ понеизвесно, доколку прекине странската помош. Тоа не им оди во прилог на Украинците, а украинската пратеничката Ивана Климпуш Цинцаџе изјави дека тоа за нив би било „катастрофа“.
Додека поранешниот претседател на САД и кандидат за изборите за враќање во Белата куќа, Доналд Трамп, се соочува со четири обвиненија, од штабот на неговата претседателска кампања соопштија дека од јули до септември се собрани 45,5 милиони долари, речиси 30 отсто повеќе од претходниот квартал. Забрзаното собирање средства може да е знак дека правните проблеми на Трамп позитивно влијаеле на приливот на пари за претседателската кампања.