Хамас е подготвен за конкретни преговори со цел да се стави крај на војната во Појасот Газа, а палестинската страна сериозно пристапи кон сите предлози кои би довеле до крај на конфликтот, изјави вчера Махмуд Мардави, официјален претставник на групата.
– Израел се откажа од договорот, ги прекрши ветувањата кон посредниците и ја продолжи кампањата на убиства и ескалација – рече тој.
Мардави истакна дека акциите на Израел претставуваат тест за глобалната заедница, пренесува Анадолија.
– Или меѓународната заедница го поддржува меѓународното право и правдата, или продолжува со двојните стандарди, кои ја загрозуваат не само Палестина, туку и целиот регион – рече претставникот.
Во исто време, египетските државни медиуми јавија дека безбедносна делегација отпатувала во Катар за да ги продолжи преговорите за ослободување на затворениците и заложниците.