Фото: Нова Македонија

Хакери украдоа дигитални средства вредни околу 160 милиони долари од лондонската фирма „Винтермјут“ што се занимава со трговија со криптовалути, соопшти денеска извршниот директор на компанијата Евгениј Гавој.

Гавој напиша на Твитер дека кражбата го погодила секторот што долго време бил на удар од кибер-напади.

Нападот бил насочен кон децентрализираните финансиски операции на „Винтермјут“ што обезбедуваат ликвидност на глобалните крипто-берзи.

Гавој истака дена компанијата останува солвентна и по хакирањето.

Тој појасни дека ќе дојде до нарушување во услугите на компанијата денеска и потенцијално во наредните неколку денови, додавајќи оти хакиран е околу 90 отсто од имотот.

„Винтермјут“ се нарекува „еден од најголемите играчи“ на глобалниот криптопазар и наведува дека управува со „стотици милиони“ средства и промет, како и над пет милијарди долари дневно.

Најголемата кражба на криптовалути од нивното основање, се случи на почетокот од август 2021 година. Тогаш беа украдени шестотини милиони долари од децентрализираната финансиска платформа „Поли нетворк“.