Доналд Трамп им порачува на гласачите дека ако го дадат својот глас за неговиот противкандидат ќе гласаат за трета светска војна

Поради тоа што има голема веројатност двајца од неговите поранешни најблиски советници во надворешната политика да се вклучат во изборната трка, тимот на Трамп реши порано да почне да чекори кон својата поставена цел. Каков ќе биде концептот на Доналд Трамп за неговата втора кандидатура за Белата куќа во делот од надворешната политика, каде што тој го лансира своето мото „ако не сакате трета светска војна, гласајте за другата опција“

Поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп, презентира концепт на планот за американските претседателски избори во 2024 година

Доналд Трамп се реши да оди со едноставно мото во надворешна политика во неговата втора кандидатура за Белата куќа, кое гласи: „Ако не сакате трета светска војна, гласајте за другата опција“. Така во изминатиот период, Трамп го нападна начинот на кој актуелниот американски претседател Џо Бајден се справи со Авганистан. Тој рече дека би можел да го заврши речиси едногодишниот конфликт во Украина во рок од „24 часа“, но не наведе како и порача дека испраќањето тенкови во земјата може да предизвика нуклеарна војна. Трамп ја критикуваше Кина и го нарече гувернерот на Флорида, Рон де Сантис, „глобалист“.
Тврдењата се продолжение на ставот што Трамп се обиде да го проектира и како кандидат за претседател во 2016 година и додека беше во Белата куќа. Но неговиот обновен фокус на меѓународните прашања, исто така, се случува во време кога се очекува примарното поле на републиканците да се преполни со потенцијални предизвикувачи, кои, веројатно, ќе ги изнесат сопствените ставови за надворешната политика. Тоа вклучува двајца поранешни советници на Трамп, и тоа поранешната амбасадорка на ООН, Ники Хејли, и поранешниот државен секретар, Мајк Помпео.

Мирот во фокусот на Трамп

Оние што се блиски до кампањата на Трамп велат дека тој планира да се обиде да се претстави како гулаб на мирот меѓу воинствените јастреби. Тие веруваат дека тоа ќе наиде на слух кај гласачите на Републиканската партија, кои сѐ уште се поделени, но стануваат претпазливи за континуираната поддршка за Украина во нејзината војна со Русија.
Еден извор близок до кампањата на Трамп, кој сакаше да остане анонимен, истакна дека Доналд Трамп е мировен претседател и е првиот на таа функција во две генерации што не започна војна. Од друга страна, ако се погледне досието на Де Сантис во Конгресот, тој гласаше за поголема вклученост и поголемо воено присуство во странство. Според изворот, Трамп е единствениот политичар што рекол дека повеќе нема да има финансирање за војната во Украина, додека ниту Ники Хејли ниту Мајк Помпео ниту Мајк Пенс не се произнеле со таков став во јавноста, па дури и воопшто за самиот конфликт. Всушност, Хејли, Пенс и Помпео, во различен степен, повикаа САД да ги финансираат Украинците, па дури, понекогаш, ја критикуваа администрацијата на Бајден дека не прави доволно за конфликтот.

Критики за конкурентите

Свесен дека неговите инстинкти не се толку воинствени како оние на некои од неговите потенцијални републикански предизвикувачи, Трамп и неговите помошници почнаа да прават контрасти и да ги поставуваат параметрите на дебатата. Неодамна, Трамп рече дека Помпео „зел малку повеќе заслуги отколку што треба“ за достигнувањата што ги постигна додека бил државен секретар, што е знак дека Трамп може да се обиде да го минимизира надворешнополитичкото искуство на неговите противници, и покрај тоа што беше назначен од него. Исто така, суперкомитетот за политичка акција што го поддржува Трамп ги истакна неодамнешните напади врз Хејли од страна на десничарските конзервативни коментатори, од кои некои ја нарекоа „воен поттикнувач“.
Тимот на Трамп ја гледа надворешната политика како област за правење разлики со неговиот потенцијален главен политички непријател, Де Сантис, кој го привлече националното внимание поради неговото справување со пандемијата на ковид-19 и прифаќањето на културните војни, но кој како гувернер има ограничено меѓународно искуство.
Дејвид Урбан, републикански стратег што останува близок до голем број потенцијални кандидати за 2024 година, истакна дека на гувернерите ќе им биде тешко да ги докажат своите надворешнополитички ризици бидејќи тоа не е во описот на нивните работни места, така што ќе мора да направат нешто за да се засилат и да им докажат на гласачите дека се способни да се справат со сите овие прашања што се појавуваат на глобалната сцена.

Како се подготвува гувернерот на Флорида?

Веќе има знаци дека Де Сантис презема потези за решавање на оваа веројатна линија на напад. Тој имаше телефонски повици и состаноци со странски лидери и амбасадори во последниве месеци, вклучувајќи и средба лице в лице во Талахаси со Марио Абдо Бенитез, претседателот на Парагвај. Во декември, Де Сантис се сретна во својата канцеларија со Мајкл Херцог, израелскиот амбасадор во САД, заедно со Јусеф ал Отаиба, амбасадорот на Обединетите Арапски Емирати. Веднаш откако Де Сантис лесно победи на реизборот, тој се сретна со врвни функционери од Јапонија, вклучувајќи го и Коџи Томита, амбасадорот во САД, како и со јапонски бизнис-лидери. Брајан Грифин, портпаролот на Де Сантис, порача дека Флорида продолжува да им биде важен политички и економски партнер на многу земји низ светот, и бидејќи странските претставници бараат состаноци со канцеларијата на гувернерот, соодветно е дополнително да се развиваат овие врски.
Но досега, другите веројатни противници на Трамп не се фаќаат на мамката. Де Сантис веќе возврати на обвинувањата од Трамп во однос на тоа како гувернерот се справувал со ковид-19, повикувајќи се на разликата во гласовите со кои ја извојува победата на ноемвриските избори во Флорида, но не се обиде да го одбрани своето искуство во надворешната политика.

Како ќе одигра Ники Хејли?

Лице блиско до политичкиот табор на Хејли, во меѓувреме, рече дека поранешната амбасадорка на ООН ќе го промовира сопственото надворешнополитичко искуство, кое вклучувало помагање на Трамп да обезбеди некои од неговите врвни достигнувања во странство. Тие вклучуваат преместување на амбасадата на САД во Израел од Тел Авив во Ерусалим, укинување на нуклеарниот договор со Иран и обезбедување кинеска поддршка за санкциите против Северна Кореја.
Иако постојат некои големи јазови меѓу Хејли и нејзиниот поранешен шеф, на пример, таа се залагаше за поддршката на САД за Украина и стана гласна критичарка на Путин и на Москва за време на нејзиниот мандат во администрацијата на Трамп, таа веројатно нема да го критикува Трамп, туку наместо тоа, својата реторика ќе ја насочи кон пристапот на Бајден кон Кина, Иран и повлекувањето на САД од Авганистан.

Подготвил: Mарјан Велевски