ШЕФОТ НА МЕЃУНАРОДНАТА АГЕНЦИЈА ЗА АТОМСКА ЕНЕРГИЈА СО ИНТЕРЕСНО ЕКСПЕРТСКО СОГЛЕДУВАЊЕ
Првиот човек на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси, изјави дека Иран има капацитет повторно да започне со збогатување ураниум, потенцијално за нуклеарна бомба, во рок од „неколку месеци“. Тој додаде дека американските напади врз трите ирански локации минатиот викенд предизвикале сериозна, но „не целосна“ штета, што е во спротивност со тврдењето на Доналд Трамп дека нуклеарните капацитети на Иран биле „целосно уништени“.
– Искрено кажано, не може да се тврди дека сè исчезна и дека таму нема ништо – рече Гроси.
Како што е познато, Израел изврши напади врз нуклеарни и воени локации во Иран на 13 јуни, тврдејќи дека земјата е блиску до изработка на нуклеарно оружје. САД подоцна се приклучија на нападите, фрлајќи бомби врз трите ирански нуклеарни постројки: Фордо, Натанц и Исфахан. Оттогаш, вистинскиот обем на штетата останува нејасен.
Во изјава за американската мрежа Си-би-ес, Гроси кажа дека Техеран би можел „за неколку месеци… да има неколку каскади на центрифуги што се вртат и произведуваат збогатен ураниум“. Тој додаде дека Иран сè уште ги поседува „индустриските и технолошките капацитети… така што, доколку сакаат, ќе можат повторно да го прават тоа“.
МААЕ не е единствената институција што сугерира дека иранските нуклеарни способности би можеле да продолжат. Претходно неделава, разузнавачка процена на Пентагон покажа дека американските напади ја уназадиле програмата само за неколку месеци.
Трамп реагираше остро, изјавувајќи дека нуклеарните локации на Иран се „целосно уништени“ и ги обвини медиумите за „обид да се омаловажи еден од најуспешните воени напади во историјата“. Наедно, тој изјави дека „апсолутно“ би размислил за повторно бомбардирање на Иран доколку разузнавачките служби откријат дека земјата може да збогатува ураниум до загрижувачки нивоа. Р.С.