САД се согласија да го ослободат трговецот со оружје Виктор Бут во замена за американската кошаркарска ѕвезда Бритни Грајнер, по долгорочните преговори за размена на затвореници, пренесуваат светските медиуми.
Грајнер беше ослободена по 10 месеци поминати зад решетки, како што соопшти американскиот претседател Џо Бајден, и таа веќе пристигна САД. Рускиот суд ја осуди Грајнер на девет години затвор и парична казна од околу 16.400 долари. Таа беше прогласена за виновна за шверц на дрога, откако беше уапсена со помалку од еден грам масло од канабис во нејзиниот багаж на меѓународниот аеродром „Шереметјево“ во Москва, на 17 февруари. Американската кошаркарска репрезентативка тврдеше дека не ги прекршила руските закони намерно, туку по грешка ги спакувала патроните кога дошла од САД.
Бут, пак, отслужуваше 25-годишна затворска кaзна во САД поради заговор за убивање на американски граѓани и поради продажба на оружје вредно милиони долари во Колумбија.
– Преку враќањето на Бут дома, Кремљ сигнализира дека сака да спречи одавање на информации што руската влада сака да ги заштити од страна на оперативците на Москва затворени во странство – смета американскиот универзитетски професор Николас Гвосдев.
„Господар на војната“ и „Бил Гејтс во трговијата со оружје“, се дел од прекарите на рускиот трговец со оружје Виктор Бут, кој повторно е во фокусот на јавноста. Поголемиот дел од младоста на Бут е обвиен во мистерија. Тој поминал одредено време во служба на армијата на СССР, работејќи како преведувач во Ангола во доцните 80-ти години на минатиот век, стигнувајќи до чинот на поручник, како што пренесува „Гардијан“.
За него првпат се дозна во турбулентниот период по распаѓањето на Советскиот Сојуз во 1991 година, кога ја почна кариерата на трговец со оружје благодарение на пристапот до вишокот залихи на оружје од советската ера. Се верува дека тој е одговорен за вооружувањето на талибанците и Северната алијанса во Авганистан, Револуционерниот обединет фронт во Сиера Леоне, како и на други групи во Либерија, Ангола, Конго и на Филипините.
Бут со текот на времето стана еден од најбараните луѓе на светот поради бројните меѓународни потерници за негово апсење. Во 2002 година „Лос Анџелес тајмс“ пишуваше за него, при што искористи цитат од претставник на американските власти, што го опишал како „Доналд Трамп или Бил Гејтс во трговијата со оружје“. Се верува дека филмот „Господар на војната“ од 2005 година, со Николас Кејџ во главната улога, во одредена мера е базиран врз животот на Бут. За него е снимен и документарец во 2014 година, насловен „Озлогласениот господин Бут“.
Русинот бил упасен во луксузен хотел во тајландски Бангкок во 2009 година, кога во американски агенти се претставиле како членови на колумбиската герлиска група ФАРК, при што го снимиле како се обидува да продаде оружје. Четири години подоцна, во Њујорк бил осуден на 25 години затвор. Бут досега помина 12 години зад решетки во САД, додека руските власти во повеќе наврати апелираа за негово ослободување.
Се спомнуваше дека САД би барале ослободување и на поранешниот американски маринец Пол Вилан, но од Белата куќа соопштиле дека Русите им порачале оти Бајден треба да одобри размена еден-на-еден во која би биле вклучени Грајнер и Бут, и оти тие не го разгледуваат ослободувањето на Вилан.
Американските власти летоска беа лути бидејќи Кремљ одбиваше да разговара за можноста за размена на затвореници. Русите одбиле да го вклучат Вилан во размената бидејќи го сметаат за шпион чии прекршоци не соодветствуваат со другите предложени затвореници, како што пренесува „Њујорк тајмс“.
Вилан тврди дека е невин по неговото апсење во хотел во Москва во 2018 година, кога беше обвинет дека поседува усб-уред кој содржел државни тајни. Сметајќи дека е жртва на тајна операција, Вилан инсистираше дека бил во Русија за да присуствува на свадба на пријател и дека го добил спорното усб од руски познаник. Вилан потоа беше осуден на 16-годишна затворска казна која ја издржува во Мордовија на околу 320 километри источно од Москва. Вилан кој е затворен во Мордовија, ги минува деновите работејќи во фабрика за облека.
Вилан се вклучил во маринскиот корпус во 1994 година и бил наредник во војната во Ирак од 2003 до 2008 година. Во јануари 2008 година, тој добил пресуда од воен суд под обвинение „поврзаност со кражба“, според неговото официјално досие. Тој бил обвинет за обид за кражба на 10.000 долари од владата додека служел во Ирак и дека користел лажни податоци во владиниот компјутерски систем за сам да го оцени напредувањето во службата. На крајот бил отстранет од армијата поради лошо однесување. Вилан работел како шеф на безбедност во меѓународен производител на автомобилски делови кога бил уапсен. Државјанин е на четири држави, односно на САД, Велика Британија, Република Ирска и на Канада, и сите четири пасоши му се валидни.