Песимистички прогнози на Европската комисија
Европската комисија објави дека годинава европската економија ќе расте помалку од очекуваното, затоа што цените на енергијата и проблемите во синџирот на снабдување ја зголемуваат инфлацијата и го одложуваат долготрајното закрепнување од пандемијата. По силниот раст од 5,3 отсто во 2021 година, Европската комисија излезе со соопштение дека БДП во ЕУ и еврозоната годинава ќе порасне за 4,0 отсто, наместо (пред само три месеци) прогнозираните 4,3 отсто. Наедно, инфлацијата во 2022 година ќе порасне на 3,5 отсто, што е повисоко од очекуваното, пренесува „Еурактив“.
Многубројните неповолни фактори зимава ја ‘смрзнаа’ европската економија: експресното ширење на омикрон, натамошниот пораст на инфлацијата – поттикнат од галопирачките цени на енергијата – и континуираните нарушувања во синџирот на снабдување – изјави еврокомесарот за економија Паоло Џентилони.
Еврокомесарот додаде дека се очекува високите цени да се задржат до летото, по што се очекува намалување на инфлацијата, затоа што ќе се ублажи порастот на цените на енергијата и „ќе се олеснат тешкотиите во однос на снабдувањето“. И покрај тоа, поранешниот италијански премиер нагласи дека „неизвесноста и ризиците остануваат високи“, при што ЕУ предупреди дека „геополитичките тензии“ во Источна Европа „значително ги влошиле“ потенцијалните закани за економијата. Оваа забелешка се однесуваше на фактот дека повеќе од 100.000 руски војници се распоредени на границата со Украина, со што стравот на Западот од можен напад уште повеќе се зголеми. Кризата придонесе и за голема неизвесност околу снабдувањето со енергија од страна на Русија, која учествува со речиси 40 отсто од гасот што ги загрева домовите и ги напојува фабриките во 27-те членки на ЕУ.
Очигледно е дека во моментов Русија нема интерес за зголемување на резервите, и покрај високите цени. Она што нè прави толку ранливи на зголемувањето на цените е нашата зависност од увозот на гас – рече во своето видеообраќање за време на бизнис-конференција во Брисел претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен.
Комисијата предвидува дека враќањето на економската нормалност ќе се случи во 2023 година, при што инфлацијата во еврозоната ќе падне до 1,7 отсто, што е под целните 2 отсто на Европската централна банка. Растот во еврозоната би бил 2,7 отсто, што во споредба со трендовите пред пандемијата на ковид-19 претставува една робусна цифра.