Евидентно е дека претседателот на Русија, Владимир Путин, токму конфликтот во Украина го вклопи како „дел од отпорот на Русија кон НАТО-експанзијата на исток“. Така што во ваквиот контекст, актуелниот воен конфликт добива сосема друга тежина и крупна димензија, при што за Москва, токму ова е стратегиската шанса „сега или никогаш“ да се сопре ширењето на НАТО на исток. Од друга страна, претседателот на Украина, Володимир Зеленски, бара повеќе тактички успеси, како што беше потопувањето на ракетниот крстосувач „Москва“ во април или можеби дури и да се обиде со контраофанзива за повторно заземање на некои загубени територии, со поддршка на Западот…
Шест месеци воен конфликт во Украина: преглед, пресек и перспективи
Шест месеци откако руските сили го започнаа она што се надеваа дека ќе биде блицкриг на Украина, конфликтот се претвори во кампања на секојдневни воздушни напади и битки без јасна завршница на повидок. Голем дел од истокот и југот на земјата се под контрола на Русија, лишувајќи ја Украина од пристаништата во Азовско Море и Црно Море, кои се од витално значење за извозот на жито, што е крвотокот на нејзината економија.
Русија, исто така, е под западните санкции, иако малкумина очекуваат дека претседателот Владимир Путин наскоро ќе стави крај на бавното, но постојано навлегување подлабоко во Украина – а камоли да се откаже од досегашните резултати.
Колку долго би можело да трае?
Двете страни претрпеа сериозни загуби на животи и материјални добра, но ниту една не изгледа подготвена да размисли за прекин на огнот. Украинците веруваат дека се во егзистенцијална борба за одбрана на националноста што Путин ја отфрла како историска заблуда.
– Во такви околности, никој не може да победи. Оваа „специјална воена операција“ може да трае со години. Русија се надева дека ќе победи со тоа што ќе ја истошти (Украина)… Времето не е на страната на Украина, а нејзината економија може да пукне – вели Константин Калачев, политички аналитичар од Москва во изјава за АФП.
Мари Думулен, директорка на Европскиот совет за надворешни односи, изјави дека „енергичната поддршка од западните сојузници, исто така, ќе ја отежне можноста некоја страна да се повлече сега“.
– Секоја страна мисли дека сè уште може да постигне воена предност, така што е малку веројатно дека сето ова ќе заврши наскоро – рече таа.
Евидентно е дека претседателот на Русија, Владимир Путин, токму конфликтот во Украина го вклопи како „дел од отпорот на Русија кон НАТО-експанзијата на исток. Така што во ваквиот контекст, воениот конфликт добива сосема друга тежина и крупна димензија, при што за Москва ова е стратегиската шанса „сега или никогаш“ да се сопре ширењето на НАТО на исток, па Путин нема намера да ја испушти.
Од друга страна, претседателот на Украина, Володимир Зеленски, бара повеќе тактички успеси, како што беше потонувањето на ракетниот крстосувач „Москва“ во април или можеби дури и да се обиде со контраофанзива за повторно заземање на некои области.
Тоа ќе му овозможи да ги мотивира украинските војници и општеството и да ги оправда своите барања за поголема помош од европските партнери – рече Думулен.
Може ли Украина да продолжи да се спротивставува?
Воената опрема и разузнавачките податоци од Европа и од САД им дозволија на украинските сили да ги забават – но не и да ги запрат – руските сили во Донбас и по должината на брегот на Црно Море. Но тоа истовремено ѝ овозможи на Русија да ги консолидира своите позиции, откако веќе го зацврсти своето воено присуство на полуостровот Крим во изминатите осум години од неговата анексија кон Москва.
За одбележување е дека досегашните молби на Зеленски за понапредно и помоќно оружје беа – неуспешни.
-Украинскиот народ е обединет и досега ја поддржува Владата, но таа стабилност исто така силно се потпира на идејата дека Западот ѝ помага на Украина во оваа војна – рече Димитри Миниќ, научен соработник во Францускиот институт за меѓународни односи во Париз.
Доаѓањето на студеното време, исто така, ќе ја тестира решителноста на Украинците ако се соочат со недостиг од гориво, прекини на струја или греење и други тешкотии, особено ако повеќе луѓе се протерани од нивните домови поради борбите.
Думулен истакна дека 40 отсто од училиштата во Украина ќе останат затворени кога наставата ќе продолжи во септември, што може да претставува тежок психолошки данок.
– Многу ќе зависи од нивниот капацитет да ја издржат зимата, особено за оние што се зад првите редови… Ќе биде тешко – рече таа.
Ќе издржи ли руската економија?
И покрај погрешната пресметка на Москва за капацитетот на Украина да се спротивстави, Русија се чини подготвена да ги плати трошоците за долгата војна за уништување. Сојузниците на Украина се обидоа да ја задушат руската економија со намалување на продажбата на нафта и гас, од кои таа зависи, истовремено воведувајќи санкции што го ограничуваат увозот и принудија многу западни компании да ја напуштат земјата.
Но „приходите од извозот, претежно од нафта, гас, јаглен и други стоки, не само што се одржаа туку ги надминаа очекувањата“, рече Крис Вифер, долгогодишен аналитичар за Русија во консултантската компанија „Макро-адвајзори“.
Обичните Руси веќе ги издржаа санкциите наметнати по заземањето на Крим, а Владата наскоро најде нови извори за индустриски компоненти и други материјали од Турција или Азија.
– Економијата, индустријата и луѓето имаа осум години да се приспособат на санкциите, така што денес земјата и луѓето се подобро подготвени и со поголема самодоволност, иако на основно ниво – рече Вифер.
Сепак, целосниот ефект од санкциите би можел да почне целосно да се чувствува во наредните години, бидејќи во моментов Русија ги пренасочува средствата од инвестициите кон воените операции, а странските фирми остануваат претпазливи.
– Ќе го почувствуваме целосниот ефект за околу пет години – рече Калачев.
Кои се потенцијалните проекции на Еуроактив?
Ако конфликтот „потоне во мочуриште“ во текот на зимата и во 2023 година, многу ќе зависи од тоа дали поддршката на Западот ќе остане, особено ако гласачите почувствуваат дека трошоците – не само зголемувањето на цените на горивото и храната – стануваат премногу високи.
– Веројатно ќе дојде момент кога Путин ќе смета на западната мака и ќе понуди некои попуштања… за да ги поттикне западните лидери да извршат притисок врз Украина да го прекине конфликтот според руските услови – рече Думулин.
Освен ако не се случи некоја катастрофална воена погрешна пресметка, украинската армија веројатно нема целосно да пропадне, а малкумина очекуваат дека Зеленски ќе прифати какви било преговори со кои Украина нема да ја врати целата изгубена територија, вклучувајќи го и Крим. Наедно, ако нејзините сојузници продолжат да обезбедуваат помош и оружје, воената предност на Русија би можела постојано да се намалува. Тоа може да ја загрози и јавната поддршка на Путин дома, потенцијално катализирајќи ги опозициските сили пред претседателските избори закажани за март 2024 година.
– Она што може да ги влоши тензиите меѓу Кремљ и она што останува од граѓанското општество… е објава на војна, воена состојба или општа мобилизација. Тоа би било тешко да се управува во големите градови како што се Москва или Санкт Петербург, каде што опсесивната антизападна наративност има помала сила – рече Миниќ.