При посета на турскиот град Газиантеп, кој е меѓу погодените во катастрофалниот земјотрес во Турција, еврокомесарот за кризи Јанез Ленарчич вети поголема помош од ЕУ за Сирија, јави германската новинаска агенција ДПА. Шатори, вреќи за спиење, душеци, кревети, храна и облека беа меѓу помошта што ја понудија земјите на ЕУ за Сирија, откако земјата вчера побара помош од Унијата.
ЕУ претходно стави на располагање 3,5 милиони евра во итни финансирања за хуманитарните организации со цел да се справат со итните потреби, вклучително и финансирање за засолништа, вода и канализација во Сирија.
Барањето од Светската програма за храна на Обединетите нации за дополнителна помош ќе овозможи канализирање на понатамошната помош од ЕУ, се вели во соопштението на Европската комисија. Турција добива помош во вредност од пет милиони евра, вклучувајќи 500 единици за привремено сместување, 2.000 шатори и 10.500 кревети, соопшти Комисијата.
Дополнително, повеќе од 1.650 спасувачи и 104 кучиња трагачи се распоредени во Турција од различни европски земји. Овие единици за пребарување и спасување досега спасиле 36 лица, соопшти комисијата.