Францускиот и германскиот министер за надворешни работи, Жан-Ноел Баро и Јохан Вадефул, денеска на конференцијата „Европа 2026“ во Берлин, оценија дека е време Европската Унија да преземе нови чекори кон проширување, објавија германските медиуми.
Баро рече дека наместо да трча со наведната глава низ новиот светски поредок, на Европа ѝ е потребна поголема самодоверба и нагласи дека денес повеќе земји сакаат да се приклучат кон ЕУ од кога било досега.
Тој рече дека земјите од Западен Балкан долго време чекаат членство во ЕУ и додаде дека Обединетото Кралство исто така размислува за враќање во Унијата и дека „ќе ја пречека со раширени раце“.
-И можеби еден ден и Канада ќе се придружи – рече францускиот министер на конференцијата Европа 2026, која по шести пат заеднички ја организираат неколку влијателни германски дневни весници.
-Ова е моментот за проширување на Европската Унија- рече Вадефул, кој го надополни Баро споменувајќи ги Исланд и Норвешка како кандидати за членство, и додаде дека е отворен и за прифаќање на Канада.
Дводневната конференција „Европа 2026“, која е организирана од влијателните дневни весници „Цајт“, „Тагешпигел“, „Ханделсблат“ и неделникот „Виртшафтсвохе“, се отвори вчера.
































