Искуството на европските дипломати со преговорите за среднорочната финансиска рамка на ЕУ, односно „европската седмолетка“, говори дека тие редовно се најтешки средби на врвот на Унијата. Шефовите на држави и влади со денови се пазарат и никој не сака да попушти ниту за еден цент, бидејќи тука се работи за вкупно 1.000 милијарди евра, за периодот од 2021 до 2027 година, пишува Дојче веле
Речиси на секои седум години во Европската Унија почнуваат вистински кавги, бидејќи тогаш кулминира дебатата за буџетот. А сега на дневен ред е уште едно дополнително прашање – кој ќе го надомести тоа што пристигнуваше од Британија, пишува Дојче веле.
Искуството на европските дипломати со преговорите за среднорочната финансиска рамка на ЕУ, односно „европската седмолетка“, говори дека тие редовно се најтешки средби на врвот на Унијата. Шефовите на држави и влади со денови се пазарат и никој не сака да попушти ниту за еден цент, бидејќи тука се работи за вкупно 1.000 милијарди евра, за периодот од 2021 до 2027 година.
Неофицијалниот состанок на групата ЕУ 27, кој почна на 23 февруари, е само почеток на цела низа преговори и пазарење, кои кон средината на 2019 година би требало да доведат до консензусот за буџет. Овој буџет потоа мора да биде прифатен од Европскиот парламент, кој за прашањето за буџетот е рамноправен во одлучувањето. Буџетот на ЕУ мора едногласно да го прифатат сите шефови на држави или на влади на земјите-членки, што значи дека секоја држава има можност да ја блокира целата постапка ако не бидат уважени нејзините интереси. Според Дојче веле, во минатото Британија и Полска беа многу вешти во оваа блокада.
Еврокомесарот за буџет Гинтер Етингер го претстави рамковниот план како да се затвори буџетот. Со брегзит се создаде буџетска дупка од речиси десет милијарди евра. Половина од овие пари Етингер сака да ги заштеди, како и поинаку да ги распореди трошоците, а другата половина би требало да биде покриена со поголеми уплати од членките. Се разбира, станува збор за нето-уплаќачи, иако во овој случај тоа всушност се бруто-плаќачи. Нето-уплаќачи се оние земји што повеќе уплаќаат отколку што добиваат, а тоа во ЕУ, по брегзит, на прво место е Германија, а потоа Франција, Италија, Холандија, Шведска, Белгија, Австрија, Данска и Финска. Некои од овие земји уште пред почетокот на преговорите рекоа дека не планираат да плаќаат повеќе отколку досега.
Но Етингер предупредува дека тоа е тешко можно, бидејќи се појавија и нови трошоци кога станува збор за проблемот со миграција, контрола на границите, одбрана, но и желбата за повеќе вложување за намалување на невработените. Во моментов, ЕУ и натаму најмногу троши на стар начин, низ поддршка за земјоделските и структурните реформи на најсиромашните региони на Унијата.
Германија, всушност, е една од ретките земји што искажаа подготвеност повеќе да уплаќаат во европскиот буџет, но не сака парите да се трошат како досега. Ангела Меркел неодамна нагласи дека брегзит нуди шанса да се размисли за тоа врз основа на што и за што ЕУ ги дава парите.
– Потребен ни е нов замав во Европа. При новата распределба од структурните фондови би требало да се запази критериумите да се одредуваат врз основа на ангажманот на регионите и општините, кога станува збор за прифаќањето бегалци. Солидарноста во ЕУ не може да биде еднонасочна улица – порача Меркел.
Ваквите зборови го активираа алармот во Полска или во Унгарија, значи во земјите што досега беа меѓу најголемите приматели на средства од европските фондови, а истовремено најголеми противници на политиката за прифаќање бегалци.
И самиот еврокомесар Етингер предупредува дека ќе следуваат „сериозни кавги поради парите“. Тоа изминатите недели во повеќето членки на ЕУ, освен во Германија, наиде на мало разбирање, особено во оние земји што сега би требало да плаќаат повеќе.