Европскиот парламент денеска повика на „хуманитарна пауза“ во Појасот Газа за да се обезбеди помошта да стигне до оние на кои им е потребна и нагласи дека Израел може да се брани само во рамките на меѓународното право.
Необврзувачката резолуција беше усвоена со 500 гласа „за“ и 21 „против“, а 24 воздржани.
Европратениците, исто така, повикаа на итно ослободување на сите заложници заробени од Хамас во јужен Израел и одведени во Газа.
Израел денеска продолжи со нападите врз Појасот Газа, додека конвоите со хуманитарна помош сè уште се блокирани на границата со Египет.
Генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО) Тедрос Аданом Гебрејесус денеска изјави дека помошта за цивилите во Газа е подготвена и дека се чека отворањето на преминот Рафа.
Тедрос изрази надеж дека преминот ќе биде отворен утре и рече дека СЗО е „длабоко загрижена за здравјето и благосостојбата на цивилите во Газа“, пишува британскиот весник „Гардијан“.
-Бомбата што ја погоди болницата Ал Ахли во градот Газа во вторникот вечерта и загубата на животи што ја предизвика, без оглед на тоа кој е одговорен, не може да се толерира – рече тој.
Тедрос додаде дека СЗО го поддржува повикот на генералниот секретар на ОН за итен хуманитарен прекин на огнот и ослободување на заложниците.
-Апелираме до Израел и Хамас да ги почитуваат своите обврски според меѓународното право за заштита на цивилите и здравствената заштита. Апелираме до Израел да го врати снабдувањето со електрична енергија и вода – рече Тедрос.