Владејачката коалиција во Чешка е проевропска, но идеолошки разнолика. Европската политика никогаш не била на врвот на листата за гласачите во Чешка. Чесите имаат релативно скромен пристап кон ова претседавање, посочуваат експертите

Од денеска претседателствувањето со ЕУ преминува во Чешка

Руската агресија на Украина, енергетската криза, климатските промени и самитот на европските држави се приоритетите на чешкото претседателство со Советот на Европската Унија, кое почнува денеска.
Од јули, Европската Унија ќе биде предводена од двајца поранешни ректори на универзитетот „Масарик“ во Брно: чешкиот премиер Петр Фијала и министерот за европските прашања Микулаш Бек. Фијала е политиколог. Неговиот пријател Бек е музиколог и под негово раководство Универзитетот во Брно бил меѓу најдобрите високообразовни институции во светот и во петте најдобри во „Нова Европа“.
Чешка, која го презеде претседавањето на Советот на ЕУ, сака да се претстави како дел од Западна Европа, а не како дел од Источна Европа.
– Би бил среќен кога нашето претседавање со ЕУ би значело да не нѐ споредуваат како земја што сака да фати чекор со Западот. За да се постигне тоа, може да биде доволно улогата со претседавањето да ја извршуваме професионално – изјави Микулаш Бек за „Дојче веле“.
Официјална Прага е свесна дека нивниот ефект на чело на Европската Унија е детерминиран од руската воена операција во Украина и нејзиното влијание на Унијата и на светот. По Полска, Чешка е најсилната поддршка на Украина, на која ѝ беше испратено оружје, тенкови и хеликоптери, а наедно е земја домаќин на 350 илјади украински бегалци.
Мотото на чешкото претседателство е цитат на поранешниот претседател Вацлав Хавел: „Европа како задача“. Во тој контекст се поставени и петте приоритети во наредниот шестмесечен период во водењето на ЕУ. Тоа се: управување со бегалската криза и повоената реконструкција на Украина, енергетска безбедност, јакнење на одбранбениот капацитет на Европа и безбедноста на сајбер-просторот, јакнење на стратегиската отпорност на европската економија и јакнење на отпорноста на демократските институции.

– Европа, а со тоа и целиот свет, поминува низ фундаментална промена, бидејќи руската инвазија на Украина ја потресе нашата безбедност. Задачата од водењето на ЕУ не е да ги промовира чешките интереси. Главната задача на чешкото претседавање ќе биде постигнување консензус во поединечните области и постигнување европско единство – изјави Фијала.
Во изминатото шестмесечно француско претседавање на самиот на ЕУ во јуни беше доделен статусот кандидат за Украина и Молдавија, но прашањето за проширувањето на Унијата и соработката со соседните земји ќе биде во фокусот на најважниот неформален самит на чешкото претседавање. Самитот ќе се одржи во октомври, во Прага, кој ќе биде најмногуброен самит од ваков вид и на него ќе присуствуваат и други европски земји, без разлика дали се членки или не.
Дали може Чешка да направи нешто повеќе за проширувањето на Унијата во однос на земјите од Западен Балкан? Од формален аспект, политиката за проширување не е вклучена во приоритетите на чешкото претседавање. Чешкиот премиер Петр Фијала потврди дека Западен Балкан претставува „значаен аспект“. Надворешнополитичките експерти сметаат дека претседавањето со ЕУ од земја од Источниот „блок“ е поволност за политиката за проширување, поради самата географска позиција и поврзаноста со Балканскиот Регион.

Пред чешкото раководство претстојат и предизвиците на внатрешна политичка сцена и проблемите во владејачката коалиција, што остава простор за „загриженост“ дека власта во Прага повеќе ќе се ориентира на домашен терен, оценува „ЕУ обсервер“. Владејачката коалиција во Чешка е проевропска, но идеолошки разнолика. Европската политика никогаш не била на врвот на листата за гласачите во Чешка. Експертите предупредуваат дека Чесите имаат релативно скромен пристап кон ова претседавање.
– Не мислам дека тие се антиевропски настроени, но едноставно не чувствуваат дека претседавањето е нешто клучно или некое клучно прашање – изјави Петр Џаст, академик од универзитетот „Метрополитен“ во Прага.

Подготвил: Митко Јовановски