Фото: Фејсбук

Австриската министерка за Европа, Каролине Едштадлер, денеска изјави дека нејзината земја се залага за интеграција на земјите-кандидати во Европската унија во фази, така што дури и пред формалното членство ќе им биде дозволено „да седнат на масата на ЕУ“ и да учествуваат во дијалог, иако без право на глас.

Во интервју за австриското државно радио, Едштадлер рече дека сега е вистинско време за ваква промена во процесот на проширување на ЕУ. Таа потсети дека таа и шефот на австриската дипломатија Александар Шаленберг и претходно искажувале таква идеја, но оценила дека сега е време да се спроведе.

-Живееме во многу предизвикувачко време, доживуваме војна на европско тло. Кога, ако не сега, е моментот да се реформира процесот на проширување на Унијата. Време е за големи идеи и да се разбере дека населението мора да биде дел од него – рече Едштадлер.

Целта на европската интеграција, нагласи таа, останува полноправно членство, но тоа е долг пат полн со „болни реформи“.

-Не можеме да очекуваме тоа да се случи преку ноќ, рече министерката, оценувајќи дека постепената интеграција ќе биде и награда за напорната работа што треба да ја направат земјите кандидати.

Постепената интеграција на земјите кандидати, вклучително и Молдавија и Украина, ќе ги натера да се чувствуваат дека веќе учествуваат во креирањето на европската политика, иако се уште немаат право на глас – рече Едштадлер.

Запрашана како тоа може да изгледа во пракса, таа рече дека преговорите со ЕУ се строго формален процес кој се одвива во кластери.

-Кога една земја затвора кластер, на пример во областа на науката или образованието, треба да и се дозволи да учествува во дискусии на таа тема во ЕУ – објасни Едштадлер.

Таа додаде дека според нејзиното искуство, во 2020 и 2021 година, малкумина лидери на ЕУ навистина го поддржаа проширувањето, но дека денес тоа е „здраворазумска работа“ за повеќето поради зголеменото влијание на Русија и Кина.