Оптимистичка најава од Турaција во врска со судирот меѓу Украина и Русија
Портпаролот на турскиот претседател, Ибрахим Калин, изјави дека Турција верува дека договорот за извоз на жито од Украина може да доведе до прекин на огнот меѓу Москва и Киев.
– Не сакам да звучам премногу оптимистички, но договорот, всушност, може да ја постави основата за доверба за која зборувавме претходно, што може да доведе до обновени преговори за прекин на огнот, за размена на затвореници, можеби, дури и до мировно решение – истакна Калин во интервју за Си-ен-ен.
Тој наведе дека е премногу рано да се каже што може да се случи, но ја нагласи потребата да се надгради договорот. Калин ја повика меѓународната заедница не само да го пофали постигнувањето на договорот туку и да се обиде да го надгради преку позитивни чекори.
Лавров даде цврсти гаранции за испорака на руско жито во Египет
Претходно, рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, понуди цврсти гаранции за испораките на руско жито во Египет за време на посетата на Каиро во неделата, во услови на неизвесност во врска со договорот за обновување на извозот на Украина од Црно Море.
Египет е еден од најголемите светски увозници на пченица, а минатата година околу 80 отсто од увозот го купи од Русија и од Украина. Руската инвазија на Украина на 24 февруари го прекина снабдувањето и ги крена глобалните цени на суровините доведувајќи го Египет во финансиски шок. Во својот одговор на војната и блокадата за снабдување, Египет е растргнат помеѓу долгогодишните врски со Русија и блиските односи со западните сили, кои ја санкционираа и се обидоа да ја изолираат Москва.
Западните амбасади лобираа во Египет и во Арапската лига пред посетата на Лавров, која вклучуваше разговори со претседателот Абдел Фатах ал Сиси и претставници на Арапската лига.
„Ја потврдивме посветеноста на руските извозници на жито да ги исполнат сите свои обврски“, рече Лавров на прес-конференција со својот египетски колега Самех Шукри.
Посетата на Каиро беше првата дестинација на турнејата на Лавров во Африка, која ќе опфати и посети на Етиопија, Уганда и на Демократска Република Конго, јавуваат руските медиуми.
Договорот за деблокирање е потпишан, но колку ќе издржи
Во петокот, претставниците на Русија, Украина, ОН и на Турција потпишаа договор за деблокирање на извозот на жито, храна и ѓубрива од украинските пристаништа. Договорот вклучува и меморандум со кој се предвидува учество на ОН во укинување на меѓународните санкции за извоз на руско жито и ѓубрива на светските пазари.
Еден ден по потпишувањето на договорот, Киев тврдеше дека Русија лансирала најмалку четири крстосувачки ракети, наводно насочени кон силоси за жито во пристаништето Одеса. Украинскиот претседател Володимир Зеленски го опиша нападот како „варварство“ и инсистираше на тоа дека „руските ракети ’калибар‘ ја уништија самата можност за изјави“ за потребата од дијалог и какви било договори со Москва.
Москва демантира дека целела на пристанишната инфраструктура и инсистира на тоа дека нападот бил врз закотвен украински воен брод и складиште со противбродски ракети „харпун“, испорачани од САД. Претставници на руското министерство за одбрана, исто така, известија дека во нападот бил уништен објект за поправка на брод на украинската морнарица.