Алармантно укажување на еврокомесарот за миграција
„Децата што бегаат од Украина поради актуелната ситуација се во опасност да станат жртви на трговија со луѓе“, изјави вчера еврокомесарката за миграција Илва Јохансон. Зборувајќи на прес-конференција во Естонија, таа изјави дека околу половина од 3,3 милиони Украинци што побегнале во земјите на ЕУ од почетокот на војната се деца, а се очекува и повеќе.
Украина има голем број сирачиња и деца родени од сурогат мајки што не биле прифатени од нивните родители, а тоа го зголемува ризикот тие да бидат киднапирани или да станат жртви на принудно посвојување. Постои огромен ризик ранливите деца да бидат жртви на трговија со луѓе – нагласи Јохансон.
Таа напомена и дека досега имало многу малку деца без придружба регистрирани на границите на ЕУ, а само неколку пријавени случаи на трговија со луѓе.
Сепак, полициските сили, активистите и украинските невладини организации укажуваат на некои алармантни случаи – рече Јохансон, истакнувајќи дека во претходните ситуации на масовна миграција ваквите злоупотреби биле вообичаени.