Реномираниот весник „Вашингтон пост“ цитира неименуван службеник на американската администрација, кој вели дека Министерството за финансии и група економски советници во Белата куќа предвидуваат добри „умерени и податливи“ последици за САД од рецесијата во Европа, чија трговија сочинува помалку од 1 отсто од американскиот БДП

Американските економисти и официјални лица велат дека САД ќе имаат корист од рецесијата во Европа предизвикана од прекинот на испораките на руски гас, објави „Вашингтон пост“. Весникот цитира неименуван службеник на американската администрација, кој вели дека Министерството за финансии и група економски советници во Белата куќа предвидуваат „умерени и податливи“ последици за САД од рецесијата во Европа, чија трговија сочинува помалку од 1 отсто од американскиот БДП.
„Ако Русија продолжи да продава нафта и само го намали извозот на гас во Европа, ефектот врз американската економија веројатно ќе биде минимален. Всушност, тоа може дури и да им помогне на американските фирми што произведуваат течен природен гас. Исто така, може да ја ослаби глобалната побарувачка, помагајќи да се намалат домашните ценовни притисоци“, пишува весникот.
– Ако Европа влезе во рецесија, очигледно ќе ја намали побарувачката за широк спектар на стоки. Во моментов сме во таква искривена ситуација што може да има позитивен ефект – вели економистот Дин Бејкер, мислејќи на обидите на американската администрација да ја заузди рекордната инфлација.
Полошото сценарио за САД е одбивањето на Русија да извезува нафта, што е можно доколку западните земји имплементираат механизам за ограничување на цената.
– Ова ќе доведе до рецесија во економијата. Цените на бензините би можеле дури и да скокнат до рекордни пет долари за галон. Економијата не може да издржи пет долари за галон – вели економистот на „Мудис аналитика“, Марк Занди.
Американската министерка за финансии Џенет Јелен го призна ризикот од скок на цените на горивото оваа зима доколку Европската Унија одбие да купи голем дел од руската нафта и престане да дава услуги поврзани со нејзиниот транспорт по море.