Да си силен не значи дека си во право, неправедните војни се осудени да бидат изгубени

Високиот претставник на ЕУ за надворешнa безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија, Жозеп Борел, во својот напис за нашиот весник ги анализира најновите настани поврзани со Украина­

ЕКСКЛУЗИВНО: ЖОЗЕП БОРЕЛ ЗА
СЛУЧУВАЊАТА ВО УКРАИНА

Во овој мрачен час, кога ја гледаме руската неиспровоцирана и неоправдана инвазија на Украина и масивни кампањи за дезинформација и манипулација со информации, неопходно е да се одвојат лагите, измислени за да се оправда она што не може да се оправда, од фактите, нагласува Борел. Фактите се дека Русија, голема нуклеарна сила, нападна и изврши инвазија над мирољубива и демократска соседна земја, која не претставуваше никаква закана за неа, ниту пак ја испровоцира. Згора на тоа, претседателот Путин се заканува со одмазда на која било друга држава што може да му помогне на народот во Украина. Ваква употреба на сила и принуда нема место во 21 век.
Она што го прави претседателот Путин не е само сериозно прекршување на меѓународното право, туку и прекршување на основните принципи на човечкиот соживот. Со неговиот избор да ја врати војната во Европа, го гледаме враќањето на „законот на џунглата“, каде што силата ја прави правдата. Целта не е само Украина туку и безбедноста на Европа и целиот меѓународен мировен поредок врз основа на системот на ОН и меѓународното право.
Неговата агресија одзема невини животи, ја уништува желбата на луѓето да живеат во мир. Се напаѓаат цивилни цели, што очигледно го прекршува меѓународното хуманитарно право, принудувајќи ги луѓето да бегаат. Гледаме како се развива хуманитарна катастрофа. Со месеци вложувавме невидени напори за постигнување дипломатско решение. Но Путин ги излажа во лице сите со кои се сретна, се преправаше дека е заинтересиран за мирно решение. Наместо тоа, се одлучи за целосна инвазија, целосна војна.
Русија мора веднаш да ги прекине воените операции и безусловно да ги повлече сите сили и воена опрема од целата територија на Украина. Истото тоа важи и за Белорусија, таа мора веднаш да го прекине учеството во оваа агресија и да ги почитува своите меѓународни обврски. Европската Унија е обединета во понудата на својата силна поддршка на Украина и нејзиниот народ. Ова е прашање на живот и смрт. Подготвувам итен пакет за поддршка на украинските вооружени сили во нивната борба.

Меѓународната заедница сега како одговор ќе се одлучи за целосна изолација на Русија и го смета Путин за одговорен за оваа агресија. Ги санкционираме оние што ја финансираат војната, осакатувајќи го рускиот банкарски систем и неговиот пристап до меѓународните резерви.
ЕУ и нејзините партнери веќе воведоа огромни санкции кон Русија, кои ги таргетираат нејзините лидери и елити и стратегиските сектори на економијата управувана од Кремљ. Целта не е да му се наштети на рускиот народ, туку да се намали можноста на Кремљ да ја финансира оваа неправедна војна. Притоа, ние сме тесно усогласени со нашите партнери и сојузници – САД, Канада, Обединетото Кралство, Јапонија, Јужна Кореја и Австралија. Гледаме и многу земји од целиот свет како се собираат за заштита на територијалниот интегритет и суверенитет на Украина, вклучувајќи ги и нашите пријатели од Западен Балкан. Заедно стоиме на вистинската страна на историјата, спроти ужасниот напад на Русија врз слободна и суверена земја.
За да ги оправда своите злосторства, Кремљ со неговите поддржувачи започнаа масовна кампања за дезинформација, која започна веќе пред неколку недели. Видовме руски државни медиуми и нивната мрежа како продаваат невистини на социјалните мрежи за да измамат и манипулираат. Западен Балкан особено е премногу долго изложен на операциите за дезинформација на Кремљ и знае како да детектира кога е изложен на манипулација со информации.
Пропагандистите на Кремљ ја нарекуваат инвазијата „специјална операција“, но овој циничен еуфемизам не може да го скрие фактот дека, всушност, сме сведоци на целосна инвазија на Украина, со цел да се уништат нејзината слобода, легитимна влада и демократска структура. Нарекувањето на владата во Киев „неонацистичка“ и „русофобична“ е бесмислица: сите манифестации на нацизмот се забранети во Украина. Во модерна Украина, екстремно десничарските кандидати се ретка појава со минимална поддршка и не можат да го поминат прагот за влез во парламентот. И голем број Украинци имаат блиски семејни врски и односи со Русија. Украинската влада не го отсече Донбас и не ја забрани употребата на рускиот јазик и култура. Донецк и Луганск не се републики, тие се само украински региони контролирани од вооружени сепаратистички групи, поддржани од Русија.

Го знаеме ова, и многу Руси го знаат тоа. Од почетокот на инвазијата се одржуваат храбри протести во градовите низ Русија, барајќи крај на агресијата против мирољубивата соседна нација. Го слушаме нивниот глас и ја препознаваме нивната храброст да прозборат, а гледаме и истакнати јавни личности во Русија како протестираат против оваа бесмислена инвазија.
Продолжувам да работам со нашите партнери низ светот за да се обезбеди заедничка акција на меѓународната заедница против однесувањето на Кремљ. На 25 февруари, само Русија стави вето на резолуцијата на Советот за безбедност на ОН за руската агресија врз Украина, при што Кина, Индија и Обединетите Арапски Емирати беа воздржани. Земји од целиот свет ги осудуваат руските напади и на Генералното собрание денес, потребно е целата меѓународна заедница да ги здружи силите и да помогне да ѝ се стави крај на руската воена агресија врз Украина со усвојување на соодветната резолуција на ОН. Особено ѝ благодариме на Албанија, како соносител на резолуцијата.
За жал, луѓето од Западен Балкан премногу добро знаат што е војна. Тие доживеаја страдања на невини цивили и многу добро знаат зошто е толку важно да се бориме за слобода. Тие многу добро знаат низ што поминува народот на Украина.
Токму поради овие горчливи сеќавања на војната и затоа што го ценат вистинскиот мир, луѓето од Западен Балкан во големо мнозинство сакаат да ѝ се приклучат на Европската Унија, најуспешниот мировен проект во историјата на човештвото. Тие знаат, како и ние, дека нивното место е во ЕУ.

Среќни сме што гледаме и високо го цениме тоа што партнерите од Западен Балкан, исто така, го прават својот дел како одговор на руската агресија. Ја поздравуваме Северна Македонија за нејзиното целосно усогласување со рестриктивните мерки на ЕУ поврзани со нарушувањето на територијалниот интегритет и суверенитет на Украина. Ова не само што ја потврдува цврстата посветеност на Северна Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ туку е и јасна манифестација на солидарност во акција наспроти незаконските дејства на Русија.
Со оваа војна против Украина, светот никогаш повеќе нема да биде ист. Сега е време, повеќе од кога било, општествата и сојузите да се здружат за да ја градат нашата иднина врз основа на доверба, правда и слобода. Време е да станеме и да проговориме Да си силен не значи дека си во право. Никогаш не значело. Нема ни да значи.


Отворена дебата низ страниците на весникот

Во интерес на јавноста и со оглед на општата загриженост на јавноста за најновите случувања поврзани со воените дејства во Украина, првиот македонски дневен весник „Нова Македонија“ иницира отворена дебата, преку која низ страниците на нашиот весник повеќе влијателни и инволвирани страни директно од прва рака ќе ги презентираат своите ставови во однос на последните случувања, но и ќе понудат размислувања и решенија за надминување на кризата.
За таа цел се обративме најпрво до Амбасадата на Украина во нашата држава и до Амбасадата на Руската Федерација во Македонија. Наедно, се обративме и до претставниците на земјите во нашата држава што се директно вклучени и запознаени со сите случувања да ги изложат своите ставови и позиции. Истовремено, побаравме мислења и од евроамбасадорот во Македонија, од амбасадите на САД, Франција, Германија, од организацијата на ОН, од мисијата на ОБСЕ и од други дипломатски претставништва во нашата земја.
Во текот на вчерашниот ден, до нашата редакција пристигна написот на високиот претставник на ЕУ за надворешнa безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија, а во следните броеви ќе ги објавиме написите и од другите амбасади и меѓународни организации, по редослед како што ќе пристигнуваат. Во интерес на јавноста и за професионално информирање, ги очекуваме и другите написи и реакции за актуелните настани.
Од Редакцијата на весникот „Нова Македонија“

Авторот е висок претставник на ЕУ за надворешнa безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија