Вообичаените најчесто плодни чешко-словачки меѓувладини консултации нема да се одржат во наредните недели или месеци. Официјална Прага објави дека овие средби сега не ги смета за соодветни поради „значителни разлики“. Чешкиот премиер Петр Фијала во јавноста изјави дека е невозможно да се скрие фактот дека постојат значителни разлики во мислењата на Чешка и Братислава за некои клучни надворешнополитички прашања, поточно за Украина
Сукцесорите на поранешна Чехословачка влегуваат во соседски односи на длабока криза
Децениското пријателство меѓу Чешка и Словачка, наследниците на поранешна Чехословачка, влезе во длабока криза. Причина – воениот судир во Украина. Од една страна е премиерот на Словачка, Роберт Фицо, кој води происточни политики и со ставовите е поблиску до Москва. Од друга страна е официјална Чешка (со чешкиот премиер Петр Фијала), која силно ги поддржува политиките на Киев и ја поддржува Украина.
Низа индикатори за раскол во пријателството на Чешка и Словачка
Деновиве во западните медиуми се појавија повеќе анализи што содржат низа индикатори за сѐ подлабокиот раскол на пријателството меѓу овие две соседни и, до скоро, многу блиски земји.
Непосреден повод за анализите и коментарите беше ситуацијата од пред неколку недели, кога чешкиот премиер Петр Фијала објави дека вообичаените чешко-словачки меѓувладини консултации нема да се одржат во наредните недели или месеци бидејќи Прага не ги смета за соодветни поради „значителни разлики“. Фијала додаде дека соработката меѓу земјите треба да биде насочена кон конкретни проекти, но и дека е невозможно да се скрие фактот дека постојат значителни разлики во мислењата за некои клучни надворешнополитички прашања, со кои тој се осврна на Украина.
– Убедени сме дека нема потреба од заедничка средба меѓу двете влади. Ја информиравме словачката страна за нашата одлука и намера да ја одложиме средбата – изјави притоа чешкиот премиер.
И министерот за надворешни работи на Чешката Република, Јан Липавски, ја поддржа одлуката за прекин на меѓувладините консултации со Словачка.
– Нашите партнери буквално од другата страна на Земјината топка, од другата страна на светот, разбираат дека безбедноста на Европа влијае на безбедноста на целиот свет. Затоа ми е жал што моите колеги во Словачка не го гледаат тоа – изјави Липавски.
Роберт Фицо одговори дека Чешка со ваквата одлука ги загрозила односите со Словачка. Според неговото мислење, причина за тоа се различните позиции на Прага и Братислава за војната на Руската Федерација против Украина.
– Забележуваме дека чешката влада одлучи да ги загрози нашите меѓусебни односи само затоа што е заинтересирана да ја поддржи војната во Украина, додека словачката влада отворено зборува за мир. Но таквата одлука нема да влијае на суверената словачка надворешна политика – додаде претседателот на словачката влада.
Премиерите Фијала и Фицо во ноември 2023 година се согласија да ја продолжат долгата традиција на плодни заеднички владини состаноци, кои овој пат требаше да се одржат во Чешка.
Различните диоптрии на Братислава и на Прага за Украина
На 24 февруари, на втората годишнина од војната во Украина, словачкиот премиер Фицо изјави дека војната започнала со „дивеењето на украинските неонацисти“. Во сличен контекст, словачкиот министер за надворешни работи Јурај Бланар се сретна и разговараше со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на дипломатскиот форум што се одржа во Турција (иако Лавров и рускиот претседател Владимир Путин сè уште се на листата на санкции на ЕУ од 2022 година).
Инаку, досега меѓу шефовите за надворешни работи на земјите од ЕУ, само унгарскиот министер Петер Сијарто не се двоумеше да се сретне со Лавров. Сепак, за словачкиот премиер Роберт Фицо оваа средба била „пример за урамнотежена и суверена словачка надворешна политика кон сите делови на светот“.
Одговорот на ваквиот став на официјална Братислава дојде во форма на изјава од претседателот на Чешката Република, Петр Павел (поранешен генерал), кој се залага дека трупите на НАТО треба да дадат поддршка директно на територијата на Украина и дека тоа нема да прекрши никакви меѓународни норми.
– Треба да се договориме со сојузниците дека, наместо да се обучуваат украински војници на територијата на земјите членки на НАТО и да се префрлат илјадници од тие војници, да речеме, во Полска или во Чешка, многу пологично би било да се префрлат неколку десетици инструктори во Украина и да обучуваат украински војници таму – рече Павел.
Словачка чекор по чекор станува изолирана од страна на западните сојузници
Поради политиките на официјална Братислава во врска со Украина, Словачка чекор по чекор станува изолирана од страна на западните сојузници. Така, годишната безбедносна конференција Глобсек, која се одржува од 2005 година, годинава нема да се одржи во Братислава, туку првпат во Прага, поради политиката на актуелната словачка влада на Роберт Фицо. Глобсек се смета за втор најважен настан на ова ниво по Минхенската безбедносна конференција, а на таа средба учествуваат и највисоките светски функционери и политичари, како претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и францускиот претседател Емануел Макрон.
На почетокот на март Италија одлучи да го повлече системот за воздушна одбрана САМП/T од Словачка. Фицо се пожали дека поради италијанската одлука стратегиските објекти остануваат незаштитени, вклучувајќи ја и нуклеарната централа.
Унгарија ѝ пружа рака на Словачка
Унгарија ќе продолжи да води политика на мир, како што прави Словачка, изјави неодамна унгарскиот премиер Виктор Орбан по средбата со претседателот на словачкиот парламент Петер Пелегрини во Будимпешта.
– Унгарија ќе направи сѐ за во иднина да биде добар сосед со Словачка и да ја зајакне соработката во интерес на градење мир – рече Орбан на прес-конференција.
Во врска со војната во Украина, унгарскиот премиер рече дека со загриженост гледа на фактот дека стотици илјади луѓе умираат, а во исто време не е јасно кога ќе заврши војната. Пелегрини и Орбан се согласија дека суверенитетот е неопходен во рамките на Европската Унија и ги критикуваа обидите на Брисел да го отстрани правото на вето при одлучувањето. Пелегрини беше во еднодневна работна посета на Унгарија, при што се сретна со својот унгарски колега Ласло Ковер, претседателот Томаш Суљок и со Орбан.
Подготви: Даниела Трајковска Здравеска