Фото: Пекселс

Нуклеарната централа Чернобил, која е надвор од употреба по хаваријата во 1986 година, е целосно отсечена од енергетската мрежа и нејзините безбедносни системи не работат, објави денеска операторот „Укренерго“.

Нуклеарната централа е „целосно исклучена од системот за диструбуција на електрична енергија“, се вели во соопштението објавено на веб-страницата на „Укренерго“, нагласувајќи дека поради воените операции „нема можност за обновување на електричните линии“.

Се стравува дека прекинот на струја, како што соопшти „Укренерго“ може да предизвика истекување на радиоактивни материи бидејќи не работи системот за ладење на истрошеното нуклеарно гориво. Во соопштението на Укренерго“ се наведува и дека се вклучени дизел-генераторите за итна употреба, но оти имаат гориво за наредните 48 часа. Електричната енергија е потребна за ладење, вентилација и за функционирање на сигурносните системи во „Чернобил“, како што пренесува „Вашингтон пост“.

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба повика на прекин на огнот за да се овозможи извршување поправки со цел да се врати снабдувањето со електрична енергија на нуклеарната централа „Чернобил“. Државниот електроенергетски оператор на Украина претходно соопшти дека руските сили ја исклучиле нуклеарната централа од мрежата.

,Украинската државна нуклеарна компанија „Енергоатом“ предупреди дека ситуацијата може да предзвика ослободување на радиоактивни материи од централата. Кулеба, пак, во објава на Телеграм посочи дека ветерот може да го пренесе радиоактивниот облак во други региони на Украина, Белорусија, Русија и Европа.

– Ако ситуацијата продолжи сиот персонал таму ќе добие опасна доза на зрачење – истакна Кулеба, исто така нагласувајќи дека резервните дизел-генератори во „Чернобил“ имаат капацитет од 48 часа, по што системите за ладење на складиштето за потрошено нуклеарно гориво ќе престанат да работат, со што може да дојде до истекување на радијација.

Властите во Украина не ги знаат нивоата на радијација во нуклеарната централа Чернобил, бидејќи немаат информации што се случува таму откако беше окупирана од руски војници, изјави денеска министерот за енергетика Херман Халушченко. Тој рече и дека Украина исто така нема контрола врз она што се случува во окупираната нуклеарна централа „Запорожје“, каде, како што вели, се стационирани 400 руски војници.