Поради студот што ја зафати Британија деновиве, Лондон даде известување до своите граѓани дека се ставаат „во состојба пред старт“ две термоцентрали на јаглен, во случај на потреба. Националниот оператор на електроенергетската мрежа (НГЕСО) потпиша договори за продолжување на животниот век на четири електроцентрали на јаглен
Британската национална мрежа деновиве издаде известување за загревање и ставање во состојба на подготвеност за две термоцентрали на јаглен, поради студот што ја зафати земјата. Во известувањето се наведува дека станува збор за електроцентралите Дракс 5 и 6, со моќност од 570 мегавати, но притоа се додава дека „тоа не значи дека овие единици ќе се користат веднаш, денеска, туку дека се достапни… во случај на потреба“.
– Јавноста треба да продолжи да ја користи енергијата на вообичаениот начин – додаваат од мрежниот оператор.
Националниот оператор на електроенергетската мрежа (НГЕСО) потпиша договори со енергетската група „Дракс“ и француската ЕДФ во август за продолжување на животниот век на четири електроцентрали на јаглен, истакнувајќи дека тие се наменети да се користат кога ќе се исцрпат сите други комерцијални опции во системот.
Агенцијата за здравствена безбедност на Обединетото Кралство (УКХСА) предупреди на замрзнато време во петокот, а Метеоролошката канцеларија соопшти дека студот би можел да трае до 16 декември.