Фото: Маја Јаневска-Илиева

Микоплазма пневмонија обично се јавува како лесна болест слична на грип, а заразените страдаат од треска, замор, главоболка, болки во грлото и долготрајна кашлица… Повторно се препорачуваат маски за лице и социјално дистанцирање на контролиран начин. Ненадејното зголемување на пневмонијата во европските земји меѓу граѓаните е наречено синдром на бели дробови, и тоа поради начинот на кој оштетувањето на белите дробови се појавува на здравствените снимки кај децата

Актуелно: Болеста синдром на бели дробови е отпорна на антибиотикот пеницилин, од Северна Европа динамично продира на југ

Данска во моментов е погодена од бран на пневмонија, што предизвика страв од нова широка епидемија. Данските здравствени власти веќе излегоа во јавноста детектирајќи ги болеста и опасноста од неа. Во врска со тоа, освен данските медиуми, известува и британски „Дејли мејл“. Во медиумите се цитираат предупредувачки изјави на данските здравствени работници, кои велат дека „стапката на микоплазма пневмонија, бактериска инфекција за која некои антибиотици се неефикасни, достигнала ’епидемиски’ нивоа“, при што во британскиот медиум се нагласува и дека „истиот патоген е делумно виновен за неговиот ’мистериозен’ бран на пневмонија – кој се карактеризира со опасна пневмонија кај децата“.

Данска, Холандија и Шведска на штрек

Данскиот институт за серум статенс (SSI) откри дека стапките се тројно зголемени во последните пет недели и предупреди дека повеќе деца ќе бидат заразени зимава. Сето тоа доаѓа само неколку дена откако Холандија пријави алармантен пораст на децата што се борат со пневмонија, со слични извештаи и во Шведска. Ширењето на овие случаи ги зголеми стравувањата дека европската епидемија на инфекција се шири низ континентот.
Микоплазма пневмонија (Mycoplasma pneumoniae) обично се јавува како лесна болест слична на грип, а заразените страдаат од треска, замор, главоболка, болки во грлото и долготрајна кашлица.

Случаите се најчести кај деца на возраст меѓу шест и 12 години, а пеницилинот нема ефект

Експертите ја нарекоа оваа болест атипична пневмонија бидејќи пеницилинот, антибиотик што вообичаено помага во борбата против бактериските инфекции, нема ефект. Сепак, вишата истражувачка на SSI Хане-Дорте Емборг во јавноста изјави дека избувнувањето не е невообичаено и дека експертите го предвидувале некое време. Таа рече дека Данска обично страда од епидемија на микоплазма пневмонија на национално ниво на секои четири години, обично во есен и рана зима.
– Во последните четири години бројот на инфекции со микоплазма е исклучително низок и затоа не е невообичаено што сега имаме епидемија. Ние всушност го чекавме ова откако ја затворивме земјата по пандемијата на ковид-19 – изјави таа за јавноста.
Хане-Дорте Емборг исто така изјави дека неодамнешниот бран на случаи може да биде поголем од вообичаено бидејќи децата не биле изложени на вирусот за време на пандемијата.
– Токму поради тоа што бројот е толку низок во последните три и пол години и затоа што има група деца што немаат изградено имунитет, веројатно можеме да очекуваме поголема инциденца оваа сезона од онаа што беше забележана за време на претходните епидемии на микоплазма пневмонија пред пандемијата – рече таа.

За атипичната микоплазма пневмонија

Атипични пневмонии се пневмонии предизвикани од организми различни од т.н. типични бактерии, вируси или габи. Најчести причинители се микоплазма и кламидија – два организми слични на бактерии. Историски гледано, епидемиите се случувале во затворени групи, како што се студенти, воен персонал или семејства. Епидемиите имаат тенденција да се шират бавно, бидејќи периодот на инкубација трае од 10 до 14 дена. Овој тип пневмонија најчесто се разгорува во преодот кон зима, односно наесен, но и напролет.
Пневмонијата предизвикана од микоплазма често започнува со замор, болки во грлото и сува кашлица. Симптомите полека се влошуваат. Се јавуваат тешки напади на кашлање, кои предизвикуваат искашлување. Некои луѓе добиваат и осип. Понекогаш се развиваат анемија, болки во зглобовите или невролошки проблеми. Симптомите често траат од една до две недели, проследени со бавно подобрување. Некои луѓе се чувствуваат слабо и уморно дури и по неколку недели. Иако микоплазма пневмонија може да биде тешка, таа е обично слаба и повеќето луѓе закрепнуваат без третман, се наведува во медицинските прирачници.
Атипична пневмонија предизвикува и бактеријата Mycoplasma pneumoniae. Микоплазмите обично предизвикуваат слаба форма на пневмонија, која се јавува во форма на епидемии на секои четири до шест години. Епидемиите обично се појавуваат наесен, се развиваат постепено во текот на неколку месеци, понекогаш до пролет, а најмногу се засегнати училишните деца и младите луѓе. Клиничките слики се послаби, а често се синоним за т.н. пешачка пневмонија, се наведува во многубројните истражувања за овие медицински состојби.

Процената на данскиот институт е реална и има смисла

Професорот Пол Хантер, експерт за заразни болести на Универзитетот во Источна Англија, изјави за „Мејл онлајн“ дека процената на Данска за ситуацијата има смисла. Тој рече дека податоците покажуваат дека брановите случаи на пневмонија со микоплазма обично ги погодуваат земјите на секои три до седум години. Професорот додаде дека истражувањето сугерира дека последниот глобален бран на болеста „удри“ во 2019/2020 година и дека, во комбинација со релативно бавната стапка на репродукција, инкубација и пренос на бактериите, можеби беше потребно досега за да се забележат епидемии во неколку земји.
Тој со сета сериозност изјави за Британија дека „моменталната ситуација во Обединетото Кралство е сè уште нејасна, но дека и Британија забележала слични празнини од неколку години помеѓу брановите на микоплазма пневмонии во минатото“!

Ова не е „нов сој“, повеќе деца ќе бидат ранливи во следниот контакт со микроорганизмот, односно кога ќе пораснат

Професорот Иан Џонс се сомнева дека е некој нов сој, бидејќи бактериите се развиваат многу побавно, многу поверојатно е дека е лоша година и веројатно засилена со изолацијата на коронавирусот. Во својот настап во јавноста, професорот рече дека заклучувањата веројатно го запреле природното ширење на бактеријата, што значи дека повеќе деца ќе бидат ранливи следниот пат, односно кога ќе пораснат.
– Според ова резонирање, треба да очекуваме вакво нешто во повеќето земји што ја поминале изолацијата, иако не е сигурно кога ќе има зголемување на микоплазматската пневмонија – вели тој.

Д.Т.З.