Фото: МИА

Поранешен пратеник од опозицијата и тројца активисти во Мјанмар беа егзекутирани, Европската Унија смета дека ова е уште еден чекор кон уривањето на правната држава во Мјанмар каде владее хунтата, јави дописничката на МИА од Брисел.

Властите во Мјанмар соопштија денеска дека овие четири лица познати како активисти за демократија и човекови права беа егзекутирани откако судот им изрече смртна казна.

Во име на Европската Унија се огласи високиот претставник за надворешна политика, Жозеп Борел, кој овие егзекуции ги нарече политички мотивирани.

– Овие политички мотивирани егзекуции претставуваат уште еден чекор кон целосното уривање на владеењето на правото и дополнително брутално кршење на човековите права во Мјанмар. Четирите лица се првите затвореници егзекутирани после три децении, чекор кој е целосно спротивен на светскиот тренд на укинување на смртната казна како нечовечка, сурова и неповратна казна која го нарушува неотуѓивото право на живот – изјави Борел.

Европската Унија по овој повод повторно изразува дека се противи на смртната казна секаде во светот.

За ЕУ овие егзекуции се доказ дека хунатата во Мјанмар “нема почит за животот и достоинството на луѓето кои треба да ги штити“.

– Ова само дополнително ќе ја заостри поларизацијата, насилството и драматичната хуманитарна ситуација во Мјанмар – изјави шефот на ЕУ дипломатијата.

ЕУ изрази поддршка за народот на Мјанмар и неговата желба за слобода.

– Го повикуваме воениот режим да му стави крај на насилството без одлагање и повикува на безусловно ослободување веднаш на сите кои се произволно уапсени, и враќање кон демократскиот пат – додаде Борел.