Еврокомесарот за проширување и соседска политика Јоханес Хан денеска побара од членките на ЕУ да не ги блокираат процесите на пристапните преговори на земјите кандидати за членство во Унијата од Западен Балкан.
– Потребно е да ја унапредиме работата на патот до конечната одлука за членство. Таа финална одлука секогаш се носи едногласно, нагласи Хан.
Тој истакна дека Европската комисија во својата Стратегија за проширување предложика да се вметне одредба дека земјите членки на ЕУ не ќе можат да стават вето и да ги блокираат пристапните преговори на државите од Западен Балкан.
– Често се соочуваме една или две членки на ЕУ, а во прашање се разлини земји, да имаат поинакви ставови по некои прашања и потребно е време тие да бидат убедени и да се постигне договор околу тоа за кои веќе се согласиле 26 или 27 земји, додаде Хан.
Според него, „одземањето на правото на вето“ би се однесувало само за текот на пристапните преговори, додека решението за прием на нова членки во ЕУ и натаму би се носело едногласно и со поддршка на сите членки на Унијата.
Загрепскиот весник „Вечерњи лист“ вчера објави дека Европската комисија се подготвува на есен да предложи нов систем на донесување одлуки во врска со преговорите за членство во ЕУ, при што повеќе нема да биде потребна едногласна одлука на сите земји членки, туку само квалификувано мнозинство.
– Европската комисија се подготвува на есен да предложи во иднина за пристапните преговори за државите кандидати за членство во ЕУ, повеќе да не биде потребна едногласна одлука на сите земји членки, туку квалификувано мозинство, со што би можеле да бидат надгласани оние што би се обиделе да блокираат, наведува весникот.
Според „Вечерњи лист“, ваквиот предлог се должи на досегашните лоши искуства во преговорите, како во случајот со Хрватска, која се обиде, но не успеа, да ги блокира преговорите на Србија по поглавјето 23 за правосудството.
Весникот наведува дека со предлогот на Еврокомисијата ќе се утврдат теми од надворешната и безбедносната политика и проширувањето, за кои одлуките повеќе нема да се носат со консензус, туку со квалификувано мнозинство, како „поддршка од најмалку 55 отсто од земјите членки во кои живеат најмалку 65 проценти од жителите на ЕУ“.
Сепак, при конечната одлука за прием на нова членка во ЕУ, ќе биде потребен конзензус, што подразбира дека секоја држава членка ќе има можност за вето, додава „Вечерњи лист“.