Секое четврто дете во Србија е родено во вонбрачна заедница. Од 2000 година бројот на вонбрачно родените деца во Србија постојано расте и нивниот процент од 20 стигна до 26 отсто, покажуваат најновите податоци на Еуростат.
Најмалку вонбрачни деца се раѓаат во Грција и во Хрватска, а најголем е процентот во Франција, Словенија (58,6 отсто) и во Австрија. Србија заостанува зад земјите со висок стандард, каде што жените полесно се одлучуваат за вонбрачно дете. Бројот на родени деца надвор од бракот е зголемен и во Европската Унија, од 27,3 отсто во 2000 година на 42,6 отсто во 2016 година. Сличен тренд е забележан и во Италија, Романија и во Швајцарија. Од друга страна, бројот на вонбрачни деца е намален во Русија од 29,2 на 22,5 отсто и во Турција, каде што 2,9 отсто од децата се родени надвор од бракот, пренесува „Блиц“.
Експертите тврдат дека жените во последните десет години станале многу посамостојни. Во Србија многу жени успеале да стигнат до добро платени работни позиции. Со поволните кредити за станови тие обезбедиле и сопствен дом. Социолозите објаснуваат дека српските жени се сѐ поспособни себеси и на детето да му обезбедат пристоен живот, додека и вонбрачната заедница е сѐ помалку табу-тема во Србија, наспроти традиционалните земји како Турција, Грција и Хрватска.
Србија го следи трендот на развиените земји во смисла на поместување на границата на старост за првото породување. Просечната возраст на жените во ЕУ се зголемила од 29 години во 2001 на 30,6 во 2016 година. Во Србија просекот од 25,7 години пораснал на 29,1 година.
Децата родени во вонбрачна заедница ги имаат истите права како и децата родени во брак. Тие ги наследуваат своите родители, кои се должни да се грижат за нив до полнолетството. Детето може да го носи презимето на мајката или на таткото, во зависност од нивниот договор. По раѓањето, детето мора да биде пријавено од двајцата родители, но проблем се јавува доколку родителите се пријавени на различни адреси.