КОСОВО

Институтот за јавно здравје на Косово објави дека во текот на завчерашниот ден во земјата се потврдени нови 15 случаи, кои по извршените испитувања резултирале со позитивни наоди на ковид-19, со што официјалната бројка на заразени со новиот вирус во земјата достигна 377. Најмногу од новите случаи што завчера беа позитивни на новиот вирус, или вкупно девет, се од Општина Сува Река. Oд појавата на првите заразени, на 13 март, досега како излекувани од коронавирусот се потврдени 63 лица. Во понеделникот, како последица на заразата, почина 38-годишна жена, со што бројот на жртвите од епидемијата во Косово се искачи на осум.

Додека трае корона-кризата, во Косово се води политичка игра меѓу премиерот Албин Курти и косовскиот претседател Хашим Тачи. Албин Курти го обвини косовскиот претседател за „континуирани интервенции“, кои претставуваат мешање во работата на Владата во времето на пандемијата со коронавирусот. Во писмото до Тачи, Курти вели дека приоритет на Владата е да се спречи ширењето на вирусот и дека сите партиски и политички прашања биле „од секундарна важност“ во ова време.
– Јас не ги разбирам двојните стандарди што вие и политичките партии се обидувате да ги наметнете неуставно, по гласањето за недоверба во Владата, што не е во формална или материјална смисла различна од претходните практики. Можеби ќе можете да ги објасните – наведува Курти во писмото.

Претседателот на Косово Хашим Тачи, по повод намерата на вршителот на должноста премиер Албин Курти да формира тим за преговори со Србија, оцени дека тоа е само една „лична желба“ на премиерот, кој со апсолутно мнозинство беше разрешен од страна на Собранието на Косово.