Загреб – Во Хрватска вчера се одржаа локални избори во општините, градовите и жупаниите. Право на глас имаат 3,66 милиони гласачи, а исходот со посебно внимание се очекува во четири големи града – Загреб, Сплит, Риека и Осиек. Граѓаните ќе изберат 425 општински и 127 градски совети, 20 жупаниски собранија и Градското собрание на Загреб, општински началници, градоначалници и жупани и 70 нивни заменици од националните малцинства и десетина од хрватскиот народ во општините каде што Хрватите се малцинство. („Хина“)
Тирана – Кризата предизвикана од пандемијата ја зголеми сиромаштијата во Албанија. Една третина од населението во оваа земја живее со помалку од 5,5 долари дневно. Во последната процена на Светска банка стои дека списокот на сиромашни се зголемил за уште 112 илјади албански граѓани. Според извештајот на СБ, во сите земји од регионот е забележан раст на нивото на сиромаштија, но позначителен и поагресивен е во Албанија. Тоа е последица и на катастрофалниот земјотрес што земјата ја погоди на крајот од ноември 2019 година. („Топ чанел“)
Софија – Бугарска вакцина против ковид-19 ќе биде претставена наесен на светски научен конгрес, тврди Андреј Чорбанов, раководител на Одделот за имунологија на Институтот за микробиологија на Бугарската академија на науките. Според него, тие сакаат вакцината да има две форми – инхалациска и имунизациска.
– Ковид-19 мутира полека, во многу мала мера. Сепак, сѐ уште не го знаеме процентот на луѓе што нема да бидат погодени од вирусот. Сепак, никој не е сигурен, но ова не треба да го менува начинот на живот – изјави бугарскиот имунолог Чорбанов. (БНТ)
Бисер балкански
Фоторобот за идеален претседател
– Да поседува неоспорни лични карактеристики – чесност, толерантност, да е образован, да ги разбира, познава и почитува својот народ и своите граѓани. Да биде целосно посветен на јавниот интерес, да ги претставува и застапува сите граѓани, а не партијата од која доаѓа, да ги почитува Уставот и законите, со своето однесување да биде пример и фактор на политичката стабилност, а не тој што ќе ги дели граѓаните идеолошки, етнички и политички. На крајот, да има и широка политичка поддршка, која ќе му обезбеди и широка општествена поддршка – вели Зоран Лутовац, претседател на Демократската партија, на прашањето каков треба да биде кандидатот на (разединетата) опозиција за избор на претседател на Србија и кој на следните претседателски избори ќе му биде и главен противкандидат на актуелниот претседател Александар Вучиќ.