По предупредувањата на албанската полиција за можни обиди за дестабилизација за време на утрешните ативладини протести и заострената реторка на опозициските лидери, со апел за мирни протести, „што е демократско право“, се јави мисијата на ОБСЕ во Тирана, а пренесе МИА.
Оттаму наведуваат дека „немирите не се покусиот пат да се дојде на власт“.
– Изразуваме надеж дека политичкиот протест в сабота нема да прерасне во насилство. Немирите не се покусиот пат да се дојде на власт. Албанија во минатото видела многу политичко насилство. Секое враќање во тоа време само ќе и наштети на земјата, особено сега кога ќе влезе во решителен четиримесечен период кога сите напори и енергии треба да бидат насочени на организирање локални избори, кои се вистински доказ за демократијата – пишува во соопштението на мисијата на ОБСЕ во Тирана.
Американската амбасада во Тирана ги повика своите државјани во Албанија да бидат внимателни и да избегнуваат присуство во зоните каде ќе се собираат демонстрантите.
Во соопштението се наведуваат локациите каде ќе се собираат и маршрутата по која ќе се движат демонстрантите, главното место (пред Владата) на протестот, кој како што се наведува „ ќе почне во 11:00 часот, но не се знае кога ќе заврши“.