Колумбиските власти се решени да го разбијат наркокартелот „Клан дел Голфо“, чија мрежа се протега до 28 држави ширум светот, меѓу кои дел се и на Балканот, по апсењето на лидерот на криминалната група минатиот месец.
Даиро Антонио Усуга беше најбараниот колумбиски наркобос до неговото апсење што претседателот на Колумбија, Иван Дуке, го окарактеризира како најсилен удар за шверцот на дрога. Организацијата на Усуга била во сојузништво со пет меѓународни картели и мафијашки групи со цел да дистрибуира 20 тони кокаин месечно, како што соопшти директорот на колумбиската полиција Хорхе Луис Варгас.
– Пет мафии и меѓународни картели се столбовите со кои Клан дел Голфо ја криумчари дрогата, Халиско и Синалоа во Мексико, мафиите во Калабрија и на Сицилија, како и балканските мрежи – посочи Варгас, додавајќи дека во мрежата се забележани 28 држави, меѓу кои е Албанија.
Колумбиските власти ја означија како приоритет екстрадицијата на Усуга во САД под обвиненија за трговија со дрога. Познавачите на состојбите сметаат дека апсењето на Усуга би можело да го распарчи картелот на помали групи или да предизвика внатрешна војна меѓу неговите припадници.