Археолошките артефакти од Балканот постојана цел на (и)легалните колекционери
Балканските земји претставуваат примамлива „дестинација“ за илегалните трговци со археолошки и уметнички предмети. Враќањето на пронајдените археолошки и уметнички дела е долг и неизвесен процес, а за некои предмети се водат и долгогодишни постапки за враќање во матичните држави
Македонија како златен рудник
Македонија е сериозно загрозена од ваквата практика на отуѓување вредни археолошки наоди и уметнички дела. Сѐ уште се свежи сеќавањата на изложбата во престижната „Палата Квиринал“ во Рим, кога вредни дела од Македонија беа претставени како предмети „без точно потекло“. Во таа пригода цели два месеца беа изложени највредните артефакти од охридско Требениште – бронзен кратер, златни маски, златни сандали, пехари и други вредни предмети што се дел од збирката на Народниот музеј во Белград. На италијанската официјална веб-страница, како и во прес-материјалите, беше забележано дека предметите потекнуваат од Требениште, но без појаснување во која земја се наоѓа овој локалитет. Според експертите со кои се консултиравме, вкупно 257 предмети најдени на локалитетот Требениште се наоѓаат во Србија.
Во Народниот музеј во Белград има ретки и исклучително вредни предмети што потекнуваат од Хераклеја, Стоби, Требеништа и од други локалитети во Македонија. Овој музеј ги чува и двете златни маски, пронајдени на локалитетот Требениште, Охридско, третата златна маска се наоѓа во Софија, а четвртата ја чуваме ние. Речиси сите вредни наоди во периодот помеѓу двете светски војни се однесени во Србија, а меѓу највредните се археолошките. Со сигурност е утврдено и дека две величествени бронзени фигури на сатири, најдени во Стоби, денес ги красат витрините на белградските музеи.
Одлевањето на културното богатство од Македонија официјално почнало во балканските војни, а со несмалена жестина трае и ден-денес. Во Кралството СХС, белградскиот музеј почнал организирано ископување на целата територија на Македонија. Не се знае што друго е однесено. Податоците се чуваат како најголема државна тајна.
По Втората светска војна почнува организирана домашна музејска дејност. Но и тогаш имаме „легален“ одлив во форма на подароци на заслужните другари од партијата од општинско до сојузно ниво. За време на посетата на Тито и Хрушчов по скопскиот земјотрес, со највисока партиска наредба на двајцата им се подарени многу вредни икони. Едната е во „Ермитаж“, а втората во музејот „25 Мај“.
Балканот како посебно интересна зона
Според податоците на Центарот за борба против шверцување уметнички предмети, околу 6,3 отсто од пријавите во врска со украдените уметнички предмети во светот биле поврзани со земјите од Југоисточна Европа. На прво место е Грција со 850 пријави, потоа Хрватска и Романија со 470, Словенија со 205, Македонија со 164 и Бугарија со 148 пријави за исчезнати предмети. Овие податоци на ЦПКУ се однесуваат за перидот пред десетина години, но состојбата не е битно променета во однос на интензитетот на илегалната трговија во овие земји од регионот. Центарот е формиран во Босна и Херцеговина, која во текот на војната беше изложена на многубројни кражби на уметнички дела од музеите и приватните колекции, кои преку илегални канали, но и воени конвои биле изнесувани надвор од земјата.
Одбивањето на официјален Лондон да ѝ ги врати на Грција деловите од Партенон, кои насилно биле одземени во 1801 година, сѐ уште е тема што фрла сенка на инаку традиционално добрите односи меѓу двете земји. Седумнаесетте фигури и фрагменти од овој археолошки локалитет се наоѓаат во лондонскиот музеј. Борис Џонсон, британскиот премиер, кој му беше домаќин на грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, и натаму стои на ставот дека проблемот со сопственоста над мермерните делови е културолошко прашање во надлежност на Британскиот музеј, а не на Владата. Според објаснувањето на Џонсон, музејот функционира независно од Владата, без политичко мешање во донесувањето одлуки. Британскиот музеј себеси се смета за легитимен сопственик на античките скулптури, кои одбива да ги врати во Атина, пренесува „Политика“.
Кој го украде часовникот на Тито?
По откривањето на часовникот на поранешниот југословенски претседател Јосип Броз-Тито на аукција во Хонгконг, медиумите во Србија пишуваа за тоа колку вредни дела и предмети исчезнале од српските музеи. Во 2019 година се случила најголемата кражба, кога од Музејот за применета уметност исчезнале 41 предмет, сите изработени од злато.
– Кај кражбите на културни добра, најчесто, нема доволно елементи што укажуваат на организиран криминал. Постои голем јаз меѓу извршителите на самиот чин на кражбата од тие што се занимаваат со продажба. Со продажба се занимаваат луѓето што се разбираат во уметнички дела и преку нив предметите се продаваат главно надвор од територијата на Србија – вели Дејан Бурмаз, шеф на Отсекот за сузбивање на шверцувањето културни добра во српското МВР.
Министерството за култура на Србија пред една година испрати допис до музеите и галериите да им достават информации за сите украдени уметнички дела. По средувањето на обемната документација ќе се знае колку културни добра исчезнале, а ќе се утврди и нивната вредност, пишува „Новости“.