Грција ќе дозволи повторно отворање на рестораните на почетокот на следниот месец, изјави денеска грчкиот министер без ресор, Јоргос Герапетритис.
– Нашата намера е да имаме координирано отворање на рестораните по Велигден – изјави министерот за грчката телевизија ЕРТ. Грчкиот православен Велигден е в недела, на 2 мај.
Портпаролката на грчката влада Аристотелија Пелони потврди дека грчката влада планира да предложи продолжување на забраната за патување од регион во регион за време на велигденските празници.
– Ќе ја чекаме препораката на Комитетот. Ставот на владата е да не дозволува патување од регион во регион. Не смееме да ризикуваме пренесување на вирусот од области со високо ниво на зараза во области со ниско ниво на зараза – рече Пелони во интервјуто за ТВ Скај.
Што се однесува до отворањето ресторани, кафулиња и барови, таа повтори дека владата и експертите разговараат за повторно отворање само на угостителски објекти со градини и на отворено, пренесува грчката агенција АНА.