Србија

Граѓаните на Србија се подготвени да пријават дискриминација, а тоа го прават повеќе за прекршувањето на правата на пазарот на трудот. Од вкупниот број пријави до надлежните служби, една четвртина се однесувале на дискриминација во областа на трудот и вработувањето. Бранкица Јанковиќ, повереничка за заштита на рамноправноста, вели дека во Србија подеднакво поднесуваат пријави и мажите и жените. Припадничките на понежниот пол повеќе се жалеле за прекршување на правата од работен однос, како што се добивање откази поради породилно отсуство или враќање на пониско работно место.
– Има долга листа на дискриминаторски постапки во однос кон жените. Имало и откажување на договорот за работа поради брачен или семеен статус, бременост или непродолжување на договорите поради старост. Карактеристичен пример имавме кога добивме пресуда поврзана со давање отказ на жена поради нејзината здравствена состојба. Таа боледуваше од леукемија. Сакаме да испратиме порака дека дискриминацијата во Србија е забранета и таа нема да се толерира и во реалниот живот – изјави Јанковиќ за „Политика“.