Критикувајќи ги состојбите во правосудството, косовскиот премиер Албин Курти рече дека податоците покажуваат дека досега околу 200 судии изрекле самоусловни и парични казни за случаи на сексуално насилство или дозволиле да истече застареноста во случаите на сексуално насилство. На прес-конференција,тој рече дека во 85 отсто од случаите на сексуално насилство жртви биле малолетни девојчиња

Состојбите во косовското правосудство „дозволиле“ метастази на сексуалните деликти

Неодамнешниот случај со силувањето на 11-годишното девојче во Косово од страна на петмина нејзини сограѓани длабоко ја потресе јавноста на целиот Балкан, бидејќи вакво злосторство не се случило во регионот со години. Петтемина осомничени силувачи се зад решетки, но гневот на граѓаните во Косово не стивнува и по неколку дена од тешкото злосторство. Изминативе денови во Приштина се одржа голем протест, а голем број собрани луѓе бараа смртна казна за силувачите.

Девојчето било силувано и на 21 јуни?

Се чини дека обвинителството во врска со 11-годишното девојче веќе има два случаја, кои ќе се истражуваат посебно. Еден случај што се случил на 27 август, каде што петте лица се уапсени и испратени во притвор за силување што се случило во Приштина, и друг случај што, наводно, се случил на 21 јуни, за кој веќе се уапсени шест лица.
Новите детали го покажуваат ужасот низ кој поминало 11-годишното девојче, за кое се вели дека претрпело шест силувања и сексуални односи во еден ден. Во досието на обвинителството, кое го објавија приштинските медиуми, стои дека шестмина осомничени, наводно, во еден ден силувале и имале врски со малолетничка во различни мотели. Настанот, како што се наведува, се случил на 21 јуни годинава, кога осомничените, некои од нив, решиле еден со друг да ја запознаат малолетничката, а наведените сомнителни дејства против неа биле извршени уште од рано изутрината. Полицијата пред два дена ги уапсила шесте лица осомничени за силување на малолетничката, која минатата недела беше силувана од пет други лица. Овие шестмина осомничени се товарат за трговија со луѓе, сексуални услуги и силување на 11-годишно девојче.
Претходно, Обвинителството во Приштина излезе со официјално соопштение, во кое објасни како се случил настанот на 27 август. Додека малолетничката била во паркот ѝ пришле три лица, при што почнале вербално да ја малтретираат. Жртвата продолжила да оди, но потоа еден од осомничените почнал да ја допира.
„Потоа, како што раскажува жртвата, тие продолжиле да ја следат и еден од нив ја влечел по аголот каде што почнале да ја соблекуваат. Кога жртвата почнала да вреска, тие ѝ ја покриле устата и ја силувале. Жртвата изјавила дека откако еден ќе запрел, друг продолжувал“, се наведува во описот на случајот што го подготви обвинителството. Потоа, според неа, пристигнало возило „пикап“ со две лица што седеле на задните седишта. Таа изјавила дека и возачот на автомобилот ја принудувал на секс.

Неефикасно косовско правосудство

Косовските медиуми посочуваат дека првоосомничениот силувач, 26-годишниот Екрем Реџепи, веќе им е познат на истражните органи и зад себе има долгогодишно досие. Реџепи се појавува во базата на податоци на косовската полиција како осомничен за слични и други кривични дела. Против него, како што објави „Коха“, досега се поднесени дури девет обвиненија. Сепак, тоа очигледно не било доволно за да заврши во затвор.
Портпаролката на приштинското основно обвинителство, Љаурета Уљај, изјави дека во базата на Основното обвинителство во Приштина против тој 26-годишник се води кривична постапка за сторени кривични дела „тешка кражба“, „шумска кражба“ и „семејно насилство“. Во сите тие случаи, додаде Уљај, обвинителот поднел обвиненија. Во Основниот суд во Приштина изјавија дека од 2019 година до јануари годинава, против осомничениот биле донесени казнени решенија, а во одредени случаи и биле пропишани постапки против него. Во мај 2019 година е осуден на една година затвор и парична казна од 400 евра за кривично дело кражба. Само четири месеци подоцна, судот го отфрли обвинението за „шумска кражба“ поради апсолутна застареност на случајот, јавува „Косово онлајн“. Во декември 2020 година, истиот суд го прогласи осомничениот за виновен за семејно насилство, осудувајќи го на шест месеци затвор и парична казна од 300 евра. Тој не отишол во затвор, бидејќи казната била условна.
Критикувајќи ги состојбите во правосудството, косовскиот премиер Албин Курти рече дека податоците покажуваат дека досега околу 200 судии изрекле само условни и парични казни за случаи на сексуално насилство или дозволиле да истече застареноста во случаите на сексуално насилство. На прес-конференција, тој рече дека во 85 отсто од случаите на сексуално насилство жртви биле малолетни девојчиња. Курти посочи дека околу 140 обвинители, од вкупно 200 во Косово, дозволиле застареност на случаите на сексуално насилство.
– Во повеќе од 85 проценти од овие случаи биле вклучени малолетници. Впрочем, 140 обвинители дозволија застареност во случаите на сексуално насилство. Замислете дека повеќе од 200 судии, повеќе од половина од судиите во Косово, изрекоа само условни и парични казни – рече Курти.
Тој побара да се преземат мерки против оние што не ја извршуваат својата должност и истакна дека за ова е неопходен процес на верификација во судството.

Подготвил: Марјан Велевски